Зоран Иванов
Ама ДУИ биле корумпирани, биле вакви, биле онакви.
Да, ВЛЕН, биле. И? И што сега по вашата година власт?
Можеби е прерано и препретенцизно за прогнозата од насловот но ќе видиме. Времето пред нас ќе ја одрече или ќе ја потврди па еве неколку реда на тема ВЛЕН.
Една година по парламентарните, на престојните локални, ВЛЕН е пред непланиран пораз од ДУИ.
Како и да се зарти, од ланскиот до овој мај, ова едногодишно време постизборно, излегува дека не само ДПМНЕ, туку и колначите во ЕУ, ВЛЕН, исто така, ич уво не го заболе за ЕУ.
Ич за Македонија и нејзините ЕУ интеграции.
Но, нели, маските паѓаат. За ВЛЕН некако пребргу.
Коалицијата ВЛЕН која дојде на грбот на корумпираната ДУИ како нов, чесен и проевропски ветер за државата, затаи по сите линии на ланските изборни ветувања.
А само пред една година, како кец на десетка предизборно им дојде корумпираниот ДУИ.
За ВЛЕН баш фин медиум му беа корумпираните интегративци за да си го чешлаат јазикот во изборната кампања.
Демек ДУИ корумпираната, а тие четирите здружени во ВЛЕН, ќе расчистувале корупции и ќе го правеле тоа токму преку процесите на ЕУ интеграциите.
Оттогаш, од ветеното од ВЛЕН, ништо. Ништо.
Ниту У од уставни, ниту И од интеграции.
Ниту условени шест месеци за ДПМНЕ, ниту бутур.
А токму на чесноста, на својата предизборна антикорупциската вербална доктрина и токму на ЕУ посветеноста, ВЛЕН ги ќари гласачите и по цели дваесет години го кутна ДУИ од власт.
Но од сето, по дванаесет, скоро по дванаесет месеци министерувања и комоции на позициите власт, ВЛЕН, идентично на властољубците од ЗНАМ, се што постигнаа е што уште попосветено отколку што тоа на времето го правеше ДУИ, му го придржуваат популистичкиот послужавник на ДПМНЕ и, и толку.
Од ВЛЕН ниту затворање на уставните, ниту отворање на ЕУ кластерите, ниту бутур.
Па ај што четворицата лидери на ВЛЕН не покажаа политичка зрелост, ај што си ги измамија и изневерија своите гласачи и ај што изборите ги добија и на власт згазнаа на темите корумпирана ДУИ и уставни за шест месеци, сега, дополнително, со нивните меѓупартиски дребулии, си го забавуваат и својот довчерашен електорат.
И, притоа, со актуелните меѓупартиски прегрупирања, на победничката изборна патека забрзано го враќаат и грогираниот ДУИ.
Секако, одговорите на темавасе кај октомвриските локални.
Дотогаш ВЛЕН, кој само за пола година се раситни на три партии, на три групирана во една без дефинирана идеолошка и со загубена програмска матрица, згора и со уште по недефинирана ЕУ агенда на која лани ја доби довербата, сега, токму на таа иста ЕУ агенда, си ита кон својот политички крах.
На ВЛЕН времето брзо му врви. Му наближуваат октомвриските локални и како ќе му наближуваат, така и ќе му натежнуваат неговите неостварени лански изборни ЕУ ветувања.
За само нецела година, со сервилноста спрема ДПМНЕ за уставните, за евро интеграциските ветувања, ВЛЕН успеа да си ја закопа својата партиска иднина и, како тргнале оттаму, победничката палка што лани ја доби на парламентарните, на локалните наесен пак ќе му ја препушти на ДУИ кому, токму поради неостварените ЕУ ветувања, забрзано му ја враќа и политичка кондиција.
Ете така некако ЕУ интеграциите беа темата и обврската што пред своите гласачи ВЛЕН изборно си ги постави и темата и обврската што кај своите гласачи ВЛЕН постизборно си ги изневери.