Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георхиј Тихи, изјави дека руската страна на денешните преговори во Истанбул претставила „голем број барања што се неприфатливи за Украина“.
На прашањето на новинарите дали Русија поставува нови барања што не се поставени претходно, Тихи одговори дека е „тешко да се каже“ бидејќи, како што рече, „ќе треба да се спореди“, но додаде: „Моето чувство е – да, ова се барања што одат подалеку од она што го бараа претходно“.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, пак, кој ја предводеше украинската делегација на денешните разговори во Истанбул, претходно изјави дека главен приоритет е договорот за луѓето, поради што двете страни се согласија за размена на 1.000 воени заробеници.
Тој го нарече тоа „важно достигнување кое покажува дека сме фокусирани на завршување на војната“. Втората клучна тема беше евентуален прекин на огнот и како што рече, тимовите разменија првични предлози и ќе продолжат да работат на договарање на деталите.
Умеров ја нагласи и третата цел на Украина – одржување состанок на ниво на шефови на држави. „Следниот чекор треба да биде средба меѓу Зеленски и Путин“, рече тој.
Умеров повтори дека Украина сака мир, но додаде дека е подготвена да продолжи да се бори доколку е потребно. „На крајот на краиштата, оваа војна треба да се заврши“, заклучи тој.
Извор од украинската делегација изјави дека „руската делегација ѝ се заканила на Украина со „вечна војна“ за време на директните разговори. Според истиот извор, руската страна не била подготвена да разговара за техничките детали од прекинот на огнот, бидејќи наводно чекале одобрение од повисоките органи.