Претседателката на Република Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова, го предложи проф. д-р Трајко Славески за нов гувернер на Народната банка.
Славески, кој е актуелен претседавач на Советот на град Скопје, е универзитетски професор на Економскиот факултет во Скопје и поранешен министер за финансии.
Претседателката својот предлог веќе го достави до Собранието, кое новиот гувернер на Народната банка треба да го избере на пленарна седница со просто мнозинство.
При донесувањето на одлуката, Претседателката се водеше од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот. Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати, велат од Кабинетот на претседателот.
Од Собраниската прес-служба потврдуваат дека предлогот е доставен до пријавницата во Собранието.
Професорот на Економскиот факултет во Скопје Трајко Славески беше меѓу тројцата најсериозни кандидати кои се спомнуваа, покрај актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, и поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески.
Мандатот на Ангеловска Бежоска истекува утре. Таа стапи на функцијата на 22 мај 2018 година.
Функцијата гувернер на централната банка пред Ангеловска Бежовска ја извршуваше Димитар Богов (2011-2018), а претходно Петар Гошев (2004-2011), Љубе Трпески (1997-2004) и Борко Станоевски (1986-1997).в