Левица со кривична пријава против Христијан Мицкоски за сторено кривично дело ‘Попречување на правдата’ поврзано со трагедијата во Кочани.
Денес пратеничката група на Левица, потпишана од сите шестмина пратеници поднесе кривична пријава против премиерот Христијан Мицковски за кривично дело ‘Попречување на правдата’ – како кривично дело против правосудниот систем, казниво по член 368, став 5 од Кривичниот законик, поврзано со трагедијата во Кочани, рече на прес конференција Димитар Апасиев.
Апасиев вели дека според нив „нудењето некаква корист е со цел прво оние актуелни ВМРО-вски функционери кои што според неофицијални информации дел од нив се вклучени во заштитата на дрогата и рекетот во Источна Македонија, да не бидат опфатени. Дел од овие луѓе му биле советници на министерот Панче Тошковски во ‘Пржинската’ техничка Влада и имале претходно разработени шеми на бланко полномошни за тужење и испумпување пари од МВР“.
И второто, се однесува на тоа што обвинението е криво поставено согласно правните начела. Согласно правните начела, согласно правната фела и видни професори по право не можете шеесет луѓе да обвините за исто кривично дело. Имено, ако корупцијата убива, ниту еден од овие обвинети не е обвинет за корупција. Сите се обвинети за тешки дела против безбедноста, што во понатамошната постапка носи ризик да падне обвинението пред суд, вели Димитар Апасиев.
На ова реагираше премиерот Христијан Мицкоски.
Тој ги повика органите на обвинителството доколку постои такво кривично дело веднаш да постапат.
Ја сум тука, не се кријам, не бегам, слободно ако сум го прекршил законот јас сум подготвен со чиста свест и совест да одговарам пред граѓаните, вели премиерот на денешната прес конференција.
Се надевам дека професорите по право како што за себе велат во Левица подготвиле добра издржана кривична пријава која ќе значи моја кривична одговорност, доколку не, тогаш очекувам да се извинат, додаде тој.
Доколку не се извинат Мицкоски најави спротивна кривична пријава за лажно пријавување.