Ова не се случува без тивок благослов од ВМРО-ДПМНЕ и нивните партнери во ЕПП. Токму европските „сестри и браќа“ на ВМРО, пратениците од ЕПП, го поднесоа амандманот 20. Мицкоски не реагираше. Не повика на промена. Не се спротивстави. Молчеше и си чекаше.
Жанета Ќосе
На пленарната седница на Европскиот парламент на 8. јули 2025 беше усвоен извештајот на европратеникот Томас Вајц за напредокот на Северна Македонија. Но, преку амандманите 20 и 22, поднесени и поддржани од либералите (Renew), Зелените, социјалдемократите (S&D) и Европската народна партија (ЕПП), беа избришани јасните формулации за македонскиот јазик и идентитет.
Што се случи?
Со амандманот 20 беше избришана фразата: „ЕУ постојано го демонстрира своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“.
Со амандманот 22 беше избришан повикот за „недвосмислено признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет“.
Зошто е ова проблем?
Ова не е техничка корекција. Ова е политичка пониженост.
Со самото бришење на референците за нашата јазична и идентитетска посебност, ЕП испрати порака дека во Европа, македонскиот идентитет може да биде избришан со гласовна машинерија.
Ова е опасен преседан, особено што доаѓа од оние што со години се декларираат како бранители на европските вредности и правата на малцинствата – либералите, зелените, дури и социјалдемократите.
Зошто се случи ова? – Улогата на ВМРО-ДПМНЕ
За да се сфати комплексниот проблем потребно е да не се лажеме:
Ова не се случува без тивок благослов од ВМРО-ДПМНЕ и нивните партнери во ЕПП.
Токму европските „сестри и браќа“ на ВМРО, пратениците од ЕПП, го поднесоа амандманот 20. Мицкоски не реагираше. Не повика на промена. Не се спротивстави. Молчеше и си чекаше.
Зошто? Затоа што антиЕУ агендата на ВМРО-ДПМНЕ е активна – од внатре.
Дали затоа што Мицкоски е продолжена рака на Орбан и Кремљ во Балканот, а тие не сакаат Македонија да биде дел од Европската Унија.
Поширок контекст:
Европа и македонското прашање;
Македонија е кандидат од 2005 година – без почеток на преговори;
ЕУ денес е лабав сојуз, асиметрично заснован на три столба: Надворешна и безбедносна политика, Правда и внатрешни работи, Економска заедница.
Францускиот предлог вклучи билатерални прашања, но ја изнесе македонската тема на ниво на ЕУ каде што: Македонскиот јазик доби официјално признавање во ЕК, а идентитетот за првпат влезе во документи на Унијата .
Со ова, СДСМ успеа да го смести прашањето во европски рамки – заштитено од ревизионистички влијанија.
Што направи ВМРО-ДПМНЕ?
Го одби францускиот предлог. Се поврза со Орбан и антиевропскиот десничарски блок. Се обидува да го замени евроинтеграцискиот процес со лажна „национална одбрана“. Активно ја саботира уставната измена – услов за отворање на поглавјата.
Резултат: Македонија тапка во место, а ВМРО води држава што нема визија освен „не“ за ЕУ.
Последици за државата: Македонија нема време; Се соочуваме со демографска криза; Иселување на младите; Застарена индустрија и зависна економија; Хронична корупција и клиентелизам.
Во овој контекст, пристапувањето кон ЕУ не е луксуз, туку прашање на опстанок.
Но ВМРО нуди „патриотски театар“ наместо интеграција.
Што предлагам?
Веднаш гласање за уставните измени – не за ЕУ, туку за Македонија.
Формирање широк дипломатски фронт за враќање на јазикот и идентитетот во идните европски документи.
Јасна порака до ЕУ: Ако бришете идентитет – не градите Унија, туку создавате нови поделби.
Активирање на меѓународните сојузници (Франција, Германија, Холандија) да го поддржат македонскиот културен суверенитет.
Не е Европа таа што разочарува – туку ВМРО што ни продава лажен патриотизам.
Нема поголем срам од тоа да ти го избришат јазикот од документ додека твојот премиер молчи.
Македонија заслужува иднина со достоинство – не тивко повлекување под диктат на надворешни агенди. Македонскиот јазик не е политички проблем. Македонскиот идентитет не е став за гласање.
Европа нема да нè прифати ако ние самите се откажеме.
Затоа велиме: Време е за отпор – не со галама, туку со работа. Не со врескање, туку со визија.