Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска поднесе кривична пријава до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција против градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, како и против неколкумина вработени во оваа општина. Во пријавата се наведува дека во општина Чаир наводно се користела фалсификувана деловодна книга во која се евидентирале барањата за легализација на дивоградби.
Согласно содржината на пријавата, граѓани кои навреме поднеле документи за легализација на балкони или делови од семејни куќи стекнати по наследство, биле одбивани од општината во законскиот рок. Подоцна, според тврдењата, нивните бројчиња од одбиените барања биле повторно искористени во наводно фалсификуваната деловодна книга за да се легализираат дивоградби и висококатници изградени од други лица, кои започнале со градба дури една деценија по донесувањето на Законот за легализација. Дел од овие лица, наводно, во моментот на поднесување на барањата биле малолетни.
Се наведуваат 15 конкретни случаи, а Арсовска бара од ОЈО ГОКК да обезбеди еден клучен доказ – оригиналниот регистар на поднесени барања за утврдување правен статус на бесправни објекти, што го води Министерството за транспорт и врски. Таа смета дека преку споредба на регистарот од Министерството со оној во општина Чаир, ќе се докаже дека општинската книга е фалсификувана – со манипулирани податоци и додадени деловодни броеви.
Арсовска смета дека преку увид во архивската книга на општина Чаир и споредба со регистарот на барања за бесправно изградени објекти од Министерството за транспорт и врски, јасно ќе се покаже дека е извршено фалсификување. Според неа, со ова ќе се потврди дека биле додавани нови, незаконски барања за легализација на објекти, при што се прекршени роковите и законските процедури. Таа укажува дека е неопходно Обвинителството да ги обезбеди овие документи како клучен доказ, бидејќи разликите меѓу архивската книга на општината и официјалниот регистар од Министерството би ја потврдиле неусогласеноста и фалсификувањето.
Дополнително, таа посочува дека лесно ќе се обезбедат и други докази, како оштетени страници од документите и сведоци, имајќи предвид дека бројни граѓани биле оштетени – нивните барања, иако поднесени во предвидениот рок, биле одбиени, а потоа нивните деловодни броеви биле злоупотребени од други лица.
Според Арсовска, целиот овој процес бил овозможен од страна на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, во соработка со други службеници од општината, со цел да се овозможи легализација на објекти со фалсификувана документација, изградени повеќе од десет години по донесувањето на законот.