Министрите за надворешни работи на земјите: Андора, Австралија, Канада, Финска, Франција, Исланд, Ирска, Луксембург, Малта, Нов Зеланд, Норвешка, Португалија, Сан Марино, Словенија и Шпанија во нивната заедничка изјава од Њујорк го осудуваат „гнасниот и антисемитски терористички напад од 7 октомври 2023 година“ и побараа итен прекин на огнот, итно и безусловно ослободување на сите заложници што ги држи Хамас (вклучувајќи ги и телата) и непречен пристап до хуманитарна помош.
Земјите потписници ја потврдуваат својата непоколеблива посветеност на визијата за решение со две држави, во кое две демократски држави, Израел и Палестина, живеат една до друга во мир и безбедност, во рамките на признати и безбедни граници, во согласност со меѓународното право и релевантните резолуции на ОН.
Тие ја нагласуваат важноста на обединувањето на Појасот Газа со Западниот Брег под Палестинската самоуправа.
Изразуваме длабока загриженост за големиот број цивилни жртви и хуманитарната ситуација во Газа, и ја нагласуваме клучната улога на ОН и нејзините агенции во олеснувањето на испораката на хуманитарна помош, се нагласува во изјавата.
Петнаесетте земји потписнички ги поздравија обврските преземени од претседателот на Палестинската самоуправа на 10 јуни, во кои тој, ги осудува терористичките напади од 7 октомври, повикува на ослободување на заложниците и разоружување на Хамас, се обврзува на укинување на системот за обезбедување финансиски бенефиции за затворениците, се обврзува на образовни реформи, на распишување избори во рок од една година за обнова на политичката генерација и го прифаќа принципот на демилитаризирана палестинска држава.
Во пресрет на Самитот на лидерите на маргините на 80-то Генерално собрание на ОН во септември 2025 година, потписничките го нагласуваат признавањето на Државата Палестина, како суштински чекор кон реализација на решението за две држави и ги повикаа сите држави кои сè уште не го сториле тоа да го сторат тоа.
Тие ги повикуваат земјите кои сè уште не воспоставиле нормални односи со Израел да го сторат тоа и да ја изразат својата подготвеност да се вклучат во дијалог за регионалната интеграција на Израел.
Потписниците во заедничката изјава ја изразуваат својата решеност да работат кон архитектура „следниот ден“ во Газа која гарантира реконструкција на Газа, разоружување на Хамас и исклучување на Хамас од управувањето со Палестина.