Администрацијата на претседателот Доналд Трамп планира да уништи контрацептивни средства во вредност од речиси 10 милиони долари, наместо да ги испорача на жени во странство, а откако беше прекината програмата за странска помош спроведена преку Американската агенција за меѓународен развој (USAID).
Портпаролот на Стејт департментот потврди дека е донесена „прелиминарна одлука“ за уништување на контрацепцијата, при што трошоците за нивното уништување ќе изнесуваат околу 167.000 долари.
Контрацептивните производи моментално се складирани во магацин во Гел, Белгија. Белгиското Министерство за надворешни работи соопшти дека води дипломатски преговори со американската амбасада во обид да се најде алтернативно решение за залихите.
На прашање на Си-Ен-Ен дали контрацептивните средства ќе бидат дефинитивно уништени, портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус, изјави дека ситуацијата е „динамична и се менува од ден на ден“.
Свесни сме за проблемот, но истовремено остануваме посветени на политиката која им е важна на американските граѓани, изјави таа на прес-конференција.
Според документи до кои дошол CNN, повеќето од овие производи имаат рок на траење до 2028 или 2029 година, а најраното истекување е во април 2027 година.
Брус објасни дека станува збор за „одредени абортивни контрацептивни средства“ од поранешни договори склучени во времето на администрацијата на Џо Бајден, кои сега се раскинати.
Само ограничен број производи се одобрени за уништување. Нема да се уништуваат лекови за ХИВ, ниту кондоми, додаде таа.
Според неа, USAID успеал да избегне дополнителни 34,1 милиони долари трошоци за даночните обврзници, преку преговори за бесплатно откажување на нарачките на овие производи.
Сè уште не е познато кога точно ќе се изврши уништувањето на залихите.