Сирени за воздушен напад се огласија попладнево над Кијив пред долгоочекуваните разговори во Вашингтон меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот лидер Доналд Трамп.
Украинските ВВС објавија на социјалните мрежи дека е активирана воздушна тревога низ целата земја бидејќи е забележано полетување на руски авиони способни да носат хиперсонични ракети Кинжал што Москва ги користи во нападите.
Европските лидери почнаа да пристигнуваат во Белата куќа пред разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски за можен мировен договор со Русија.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и британскиот премиер Кир Стармер се првите што се дојдоа, откако се сретнаа со Зеленски во украинската амбасада во Вашингтон
Зеленски пристигна во Вашингтон денеска со група високи европски лидери во обид да се обезбеди цврста поддршка од САД и безбедносни гаранции како дел од евентуалното решение со Русија.
Според „Фајненшл тајмс“, се очекува делегацијата на европските „тешкаши“ да го повика американскиот претседател Доналд Трамп да се посвети на одбраната на Украина и да разјасни дали Вашингтон ќе ја гарантира безбедноста на Киев на начин споредлив со мандатот за колективна одбрана на НАТО. Притисокот доаѓа во услови на вознемиреност во Киев, Берлин, Париз и други европски престолнини поради сигналите дека Трамп можеби се усогласил со предлозите на рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната.