Атина: Над 1,34 милиони литри бензин и над 212.000 литри хемиски растворувачи биле дистрибуирани во Грција во текот на 2025 година од членови на меѓународна криминална организација активна во шверц и фалсификување на гориво и употреба на нелегален софтвер за измама на потрошувачите, а процените се дека вкупната корист од нелегалните активности изнесува најмалку три милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчката полиција ја разби криминалната организации, уапси 22 лица меѓу кои и водачот, дополнително обвинети се уште осум лица, додека пак затворени се седум бензински пумпи, а на три се врши проверка.
Директорот на Дирекцијата за борба против организираниот криминал на грчката полиција Фотиос Дуицис на прес-конференција информираше дека претходела повеќемесечна истрага на надлежните сектори во полицијата во соработка со Независната управа за јавни приходи, а криминална организација имала активности во Атика, Солун, Трикала, Лаконија, Арта и Волос и одржувала врски во Романија, Полска, Бугарија и Албанија.
Во рамките на криминалната организација постоеле две различни подгрупи: едната се занимавала со систематски увоз на хемиски растворувачи од странство и нивно мешање со гориво, а втората се занимавала со фиктивен извоз на бензин, избегнувајќи плаќање даноци и царини, а паралелно користеле и нелегален софтвер на бензиските пумпи.
Објасни дека само во 2025 година, нелегално се тргувало со над 1.340.000 литри бензин и повеќе од 212.000 литри хемиски растворувачи, при што вкупната корист што ја остварила организацијата се проценува на најмалку 3 милиони евра, а во исто време, даночните загуби за државата надминуваат 1,5 милиони евра.
Би сакал да споменам една констатација заснована на едноставна пресметка што ја направив. Земајќи ја предвид количината на гориво што беше шверцувано и споменато погоре и проценувајќи дека еден обичен резервоар се полни со педесет литри, над 30.000 возила беа снабдени со шверцувано фалсификувано и дефицитарно гориво во овој период, објасни Дуицис.
Бензинските пумпи каде што завршило разреденото гориво се во области на Атика, поширокиот регион на Атина, како и во делови на Трикала, Епир и Лаконија.
Портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду објасни дека меѓу другото, криминалната организација на грчка територија внесувала големи количини безоловен бензин од Романија и Бугарија, базирано на сложена шема на фиктивен извоз во Албанија, со злоупотреба на царинските процедури.
На царинските органи на Романија, Бугарија и Грција им се пријавуваше дека пратките се наменети за албанска компанија, но во пракса бензинот остануваше во Грција за нелегално дистрибуирање, а извозот формално изгледаше како завршен, објасни Димоглиду.