Радев заминува од функцијата точно една година пред завршувањето на мандатот. Него ќе го наследи Илијана Јотова. Сосем е сигуирно дека тој ќе учествува на новите избори со своја партија.
Бугарија влегува во нова политичка турбуленција со целосно мешање на картите откако претседателот Румен Радев објави дека во вторник ќе ја поднесе својата оставка од функцијата шеф на државата до Уставниот суд, а мандатот ќе го заврши потпретседателката Илијана Јотова.
Радев во обраќањето до народот рече дека привремената влада повеќе не е гарант за фер избори.
Според него, некои политичари го доведуваат во прашање мирниот живот на Бугарите.
Време е да се стави крај на помирувањето, рече Румен Радев. Сосем е извесно дека тој преку партија формирана од него ќе учествува на предвремените избори и целосно ќе го измеша распоредот на политичките сили.
Утре ќе ја поднесам мојата оставка од функцијата Република Бугарија. Би сакал да напоменам дека за овие 9 години како претседател и потпретседател покажавме дека можеме ефикасно и синхронизирано да работиме, обединети од заедничка цел. Убеден сум дека Илијана Јотова ќе биде достоен шеф на државата и сакам да ѝ се заблагодарам за нејзината поддршка во текот на овие 9 години, рече Радев.
Денес, за последен пат, ви се обраќам како претседател на Бугарија. Ви благодарам за вашето трпение. Ги признавам моите грешки. Потребен е нов општествен договор. Вашата доверба ме обврзува да ја бранам државноста, додаде тој.
Пред девет години, гласавте за мене да работам за Бугарија како претседател. Го направивте тоа повторно во 2021 година. Чест и одговорност што се обидов да ја оправдам во сите мои постапки. Заедно, доживеавме голем број кризи. Нападите на олигархијата врз демократијата и големите протести. Околностите ме принудија седум пати да назначувам привремени влади. Да ги бранам државните и јавните интереси, рече Радев.




