Илјадници граѓани, на повик на студентите во блокада, протестираат во Ниш денеска и им оддаваат почит на жртвите, точно 16 месеци по падот на натстрешницата – настан што предизвика бран масовни антивладини протести ширум Србија.
На централниот градски плоштад во Ниш, со шеснаесетминутно молчење им беше оддадена почит на загинатите при уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година – по една минута за секоја жртва.
Пред собирот во центарот на Ниш, под слоганот „Државата, тоа сме ние“, граѓаните, на повик на студентите во блокада, во две протестни колони прошетаа низ централните улици на најголемиот град на југот на Србија.
На снимки и фотографии споделени на социјалните мрежи на протестот се гледа кукла со лик што го претставува претседателот Александар Вучиќ, поставена на дрвен крст и носена од учесници на протест. Над куклата има табла со натпис „Новомученик“, додека околу неа се собрани демонстранти со знамиња. Куклата е изработена во карикатурален стил, со раширени раце прицврстени за крстот, што симболично алудира на распнување.
Протестот во Ниш се одржува точно една година по најмасовниот студентски собир во тој град, наречен „Студентски едикт“. Тогаш во Ниш се собраа десетици илјади граѓани, а студентските колони пеш стигнаа од повеќе делови на Србија.
Студентите од декември 2024 година речиси една година ги блокираа државните факултети, барајќи утврдување одговорност за смртта на 16 луѓе на реконструираната Железничка станица во Нови Сад и на распишување вонредни парламентарни избори.
Од блокираните факултети излегоа на улиците, каде што добија поддршка од стотици илјади граѓани. Во фокусот на антивладините протести се обвинувањата дека системската корупција довела до несреќата.
Власта ја отфрла одговорноста за трагедијата и одбива да распише избори, најавувајќи можност тие да се одржат во текот на 2026 година, без да прецизира датум.




