Иран изврши ракетен напад врз Тел Авив, користејќи касетни боеви глави, како одмазда за атентатот врз шефот на националната безбедност, Али Лариџани, објави претходно иранската државна телевизија, објави „Ројтерс“.
Во соопштение на Иранската револуционерна гарда се наведува дека биле употребени ракетите „Хорамшахр 4“ и „Кадр“, кои носат повеќе боеви глави. Израелските власти соопштија дека нападите убиле две лица во населба во близина на густо населениот Тел Авив, каде има и клучни воени објекти, со што вкупниот број загинати во Израел од војната се искачи на најмалку 14.
Израел соопшти дека Иран повеќепати користел касетни боеви глави, кои се распрснуваат во повеќе помали експлозиви во воздухот и се распоредуваат на широка површина, што ги прави тешки за пресретнување.
Иран порача дека убиството на безбедносниот шеф Али Лариџани и други клучни функционери од Израел нема да ги попречи неговите операции, бидејќи замените биле бргу назначени, додека Израел започна серија напади врз проиранскиот Хезболах во Либан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека САД и Израел не разбираат дека Исламската Република е стабилен политички систем кој не зависи од поединци.
„Смртта на високи функционери нема да го наруши функционирањето на државата, која ќе продолжи да работи, рече Арагчи во интервју за „Ал Џезира“, објавено во иранските државни медиуми во средата.
Војната меѓу САД, Израел и Иран продолжува без знаци на смирување, а новиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи ги отфрли сите предлози за прекин на огнот, порачувајќи дека не е време за мир додека противниците не бидат поразени.
Во меѓувреме, Иран погуби човек осуден за шпионажа во корист на Мосад, додека Израел соопшти дека таргетирал безбедносни објекти во Техеран. Напнатоста дополнително се зголемува поради близината на борбите до нуклеарни капацитети, што предизвика предупредување од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за ризик од нуклеарен инцидент.
Конфликтот се шири и во регионот – израелски напади во Бејрут однесоа жртви и го вовлекуваат Либан подлабоко во војната со Хезболах, додека САД гаѓаат цели кај Ормускиот теснец, клучен за светската трговија со нафта.
Затворањето на теснецот и нападите врз инфраструктурата предизвикаа скок на цените на енергенсите и глобална економска загриженост, со предупредувања за инфлација, нарушен воздушен сообраќај и можна хуманитарна криза доколку судирот продолжи.




