Денко Малески: На покана на премиерот, претставници на власта, црковните великодостојници, бизнисмените и новинарите се собраа на ручек во хотел „Хилтон“ во Скопје, по повод христијанскиот празник Велигден. Недостасуваа само претставниците на сиромасите. Оти, да не заборавиме, прославата е во чест на „Исус, шампионот на сиромашните“. И повеќе од тоа: Исус Христос е еден од тие сиромасите.
Некој кој, како што кажуваат преданијата, постојано ги прозивал религиозните и политичките елити за нивното лицемерие и експлоатација, особено кога се злоупотребува религијата за да се оправда нееднаквоста меѓу луѓето. Некој кој го бранел достоинството на сиромасите и се борел против неправдата и лагата. И конечно, некој кој своеволно се изложил на страдање, распнување и смрт за да ги откупи гревовите на човештвото.
Гледајќи ги фотографиите од свечениот ручек во хотел „Хилтон“, мислите ми одат кон вистинското значење на денот кој Христијаните го обележуваат како Голем ден. Разбирливо, во оваа дигитална ера, прво помислувам на сцените од филмот „Страдањето на Христос“ во режија на Мел Гибсон, а потоа се потсетувам на некои прочитани литерарни фрагменти.



