Украинскиот претседател Володимир Зеленски испратил итно писмо до американскиот претседател Доналд Трамп, предупредувајќи го на сè поголемиот недостиг од украински системи за противвоздушна одбрана, особено на капацитетите за противбалистички ракетни одбранбени системи, објави „Кијив Индипендент“.
Апелот доаѓа во момент кога Русија ги засилува масовните воздушни напади врз Украина и јавно се заканува со нов бран далекудосежни удари врз Киев, вклучително и напади врз она што Москва го опиша како украински „центри за донесување одлуки“.
„За противвоздушна одбрана од ракети се потпираме на нашите пријатели“, се наведува во писмото во кое увид имал „Киев Индипендент“. „Но, за одбрана од балистички ракети, речиси целосно зависиме од Соединетите Американски Држави“.
Украинските функционери стравуваат дека ограничените залихи на пресретнувачи „Патриот“ и други западни системи тешко би издржале такво ниво на бомбардирање.
Ситуацијата е навистина тешка во однос на противбалистичките одбранбени системи“, изјави за „Кијив Индипендент“ лице запознаено со ситуацијата.
Според зборовите на функционерите, украинската амбасадорка во САД, Олга Стефанишина, го доставила писмото до Белата куќа, до претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон и до други членови на Конгресот.
Писмото исто така ја одразува сè поголемата загриженост на Кијив поради тешкотиите во набавката на оружје преку програмата Листа на приоритетни барања на Украина, која им овозможува на сојузниците од НАТО да ја финансираат купопродажбата на американско оружје за Украина.
Сегашната динамика на испораки преку програмата Листа на приоритетни барања на Украина повеќе не одговара на реалната закана со која се соочуваме, се наведува во писмото. „Ве молиме да помогнете во заштитата на украинското небо од руските ракети“.
Во име на украинскиот народ, со почит ги молам претседателот и Конгресот на САД да останат ангажирани, се наведува.
И да ни помогнат да го обезбедиме ова клучно средство за заштита од рускиот терор – ракетите ‘Патриот ПАК-3’ и дополнителни системи – за да ги запреме руските балистички ракети и другите ракетни напади.




