Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
Фото: Фејсбук профил Салвјанка Петровска

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Зошто гробарите на македонското високо образование не можат да бидат негови спасители

0
By Zoran Ivanov on June 13, 2026 ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Saturday, June 13, 2026 12:26

Кога некој професор ќе одбие да подари оценка на незнаење или да задава едни исти познати задачи и самиот да го лажира и саботира сопствениот предмет, кукавичкиот менаџмент на факултетот организира лажирани комисиски полагања. Ова е формално озаконето преку разни интерни акти на факултетите и универзитетите, но суштински претставува измама. Преку овие измамничко-бирократски и квази-правни механизми, на студентите сосила им се подаруваат лажни преодни оценки само за да завршуваат факултет и за да се одржува мирот во куќата. Така, сите заедно глумиме и играме некаква театарска претстава за нормално студирање, иако внатрешно сè е гнило, лажно и виртуелно. На прашањето зошто го прават сето тоа, одговорот е дека „ова е Македонија и така треба да биде“.

Дејан Трајковски

Најавата за формирање на некакво координативно тело составено од универзитетски раководители, кое наводно треба да ги детектира проблемите и конечно да го поправи македонското високо образование, во јавноста беше пречекана со веќе познато и разочарувачко чувство на веќе видено, без големи очекувања. Овој потег претставува класичен пример за политички театар и дефицит на инвентивност и елементарна логика. Се поставува наједноставното прашање: како е возможно луѓето кои со децении активно учествувале во деградацијата на образовниот систем, или во најдобар случај немо го набљудувале неговиот колапс, сега одеднаш да го пронајдат лекот за негово излекување?

Ако овие академски раководители навистина знаеле како да менаџираат со образованието, ако имале визија за развој и ако воопшто сакале да изградат силен образовен столб, тие немаше ниту да дозволат македонските универзитети да пропаднат до овој степен. Очекувањето дека актуелните високото образовни власти ќе спроведат ефикасни радикални реформи е еднакво на верувањето дека пироманот може успешно да го изгасне пожарот што самиот го запалил.

Убивање на критериумите и трговија со оценките

Проблемот на македонските универзитети не е технички, туку длабоко структурен и суштински. Со години наназад, изборот на министри, ректори, декани, па и наставен кадар не се води според меритократски систем, туку раководните позиции се добиваат со партиско пазарење и задкулисно лобирање. Како резултат на тоа, денес имаме раководни структури кои се продукт на еден компромитиран систем и кои природно ќе направат сè за да го заштитат статус-квото за да си ги зачуваат фотелјите, а не за да направат позитивни промени.

Но, главниот и најкорозивен проблем во секојдневниот академски живот е нереалното оценување. Македонските професори денес работат под постојан, тивок притисок, страв и самоцензура дека, доколку оценуваат реално, нивните факултети ќе останат без студенти, а со тоа и тие самите ќе останат без работа и плата. Резултатот од тој страв е катастрофален, бидејќи студентите се пуштаат на испити со минимални или буквално никакви критериуми.

А зошто нема студенти? Одговорот лежи во лудата математика на македонската образовна деструкција. Во земја со едвај 1,8 милиони жители, моментално функционираат дури 24 универзитети и 135 факултети, бројка која е ненормално висока и неодржлива според било какви пазарни или демографски мерила. За да биде трагедијата уште поголема, најдобрите и најквалитетните матуранти масовно заминуваат од државата и се запишуваат на студии во Словенија. Кај нас останува вториот и третиот ешалон матуранти, односно се спроведува негативна селекција. Со тоа дополнително се врши притисок за уривање на критериумите, бидејќи факултетите се борат за секој запишан студент, само за формално да ја оправдаат сопствената егзистенција.

Заблудата за Шангајската листа, трудовите во меѓународни списанија и нобеловците

Нашите власти живеат во тешка илузија дека проблемот со квалитетот на дипломираните кадри ќе се реши со бирократски декрети, така што ќе ги натераат професорите повеќе да објавуваат во престижни меѓународни списанија. Но, вистината е многу далеку од ова. Ниту бројот на објавени трудови во меѓународни списанија, ниту бркањето на фантомски позиции на Шангајската листа не може да го подигне квалитетот на студентите кои излегуваат од овие институции. Шангајската листа нема никаква врска со реалниот квалитет на дипломираните кадри и нејзиното рекламирање и форсирање не може да го реши проблемот со неквалитетот на дипломираните на начин на кој што го замислуваат нашите неуки политичари.

Апсурдот оди дотаму што, дури и утре да донесеме светски нобеловци да предаваат на нашите факултети, ништо нема да се смени на подобро. Во моментот кога локалниот декан ќе им соопшти дека ако бидат реални и строги ќе останат без студенти и без плата, и тие нобеловци брзо ќе капитулираат, ќе станат како сите други професори и ќе почнат да пуштаат на испити без знаење. Единствениот вистински лек што власта упорно го избегнува е радикално затворање на стотина непотребни факултети за да се концентрира квалитетот на 25-30 факултети и да се запре ова брутално фабрикување на непотребни и безвредни дипломи.

Стапицата на ЕКТС

Кон распадот на образованието дополнително придонесува и слепото и непромислено воведување на ЕКТС системот. Поради овој систем и наметнатиот школски начин на работа, преплавен со постојани домашни задачи, семинарски работи и колоквиуми, студентите денес едноставно немаат време вистински и квалитетно да го подготват испитот.

Порано постоеше поинаков, здрав академски концепт. По прослушувањето на предавањата, студентот со месеци седеше над книгата, учеше теорија и интензивно решаваше задачи за да излезе на испит вистински спремен и поткован со знаење. Денеска, процесот е претворен во бесмислена трка со времето. Среде семестар, ако до денеска имало предавања, веќе утре се полага колоквиум. Во вакво темпо нема време за никакво вежбање задачи, ниту пак за длабоко разбирање и примена на наставната материја. Со еден збор, нема студирање на материјата, туку само механичко учење на неколку исти типови задачи од вежбите. Професорите одлично го знаат тоа, па за да прикажат некаков лажен привид на испит, редовно даваат едни исти задачи од вежбите, евентуално со променети почетни вредности. Така, сите добиваат преодни оценки, а во стварност кај студентите нема никакво вистинско знаење. Утре ќе можат само да им кажат на работодавачите дека такви задачи немало на вежби, а не ги терале да размислуваат за решавање на вистински проблеми од пракса.

Сечење на главите на чесните професори

Во ваков наопаку поставен систем, најмногу страдаат оние малкумина преостанати професори кои одбиваат да станат дел од општата лага. Наместо да им се даде поддршка, професорите кои оценуваат реално и со тоа го штитат дигнитетот на професијата и факултетот, се соочуваат со опструкции, шиканирање и понижување од самите факултети во кои работат. Наместо да им се остават одврзани раце за да си ја работат работата како што треба, системот ги маргинализира, заобиколува и отфрла. Ова е уште еден начин за спроведување негативна селекција на факултетите.

Кога некој професор ќе одбие да подари оценка на незнаење или да задава едни исти познати задачи и самиот да го лажира и саботира сопствениот предмет, кукавичкиот менаџмент на факултетот организира лажирани комисиски полагања. Ова е формално озаконето преку разни интерни акти на факултетите и универзитетите, но суштински претставува измама. Преку овие измамничко-бирократски и квази-правни механизми, на студентите сосила им се подаруваат лажни преодни оценки само за да завршуваат факултет и за да се одржува мирот во куќата. Така, сите заедно глумиме и играме некаква театарска претстава за нормално студирање, иако внатрешно сè е гнило, лажно и виртуелно. На прашањето зошто го прават сето тоа, одговорот е дека „ова е Македонија и така треба да биде“.

Системот продуцира неспособност

За колапсот на високото образование да биде комплетен, факултетите се соочуваат со уште еден деструктивен бран кој доаѓа одоздола. Итно е потребно радикално расчистување и подигнување на квалитетот во основното и средното образование, иако знаеме дека за ова не постои политичка волја. Генерациите кои сега доаѓаат како бруцоши се жртви на еден целосно уништен основен и средношколски систем, каде со години наставници се бирале во партиските штабови, ограноци и комитети, а на учителските факултети се запишувале најслабите матуранти од генерациите.

Овие млади луѓе, со дефектно средно образование, едноставно не се во состојба да ја следат наставата, ниту пак можат логички и интелектуално да одговорат на критериумите на кој било сериозен факултет. Кога на неписменост од средно училиште, односно незнаење легализирано во знаење преку препишување на државна матура, ќе додадете страв од губење плата кај професорите на факултет, добивате совршена сцена која продуцира дипломирани граѓани без елементарни познавања од сопствената струка.

Творецот на проблемот глуми спасител

Најголемата иронија лежи во фактот што партијата која денес повторно ја предводи власта е токму истата онаа структура која во минатото, водена од чист популизам, ја лансираше погубната стратегија за „факултет во секое село“, со што успешно го девалвираше знаењето и ги претвори дипломите во формално парче хартија, кое за вработување не значи ништо без партиска книшка.

Денес, истите тие политички елити декларативно бараат реформи. Клучниот збор е „декларативно“, иако сите знаеме дека не сакаат вистински реформи. Како да очекуваме една партија да ги затвори факултетите кои самата ги отворила за да ги вдоми своите истакнати активисти, како што неофицијално се зборува? Затворањето на тие измислени институции би значело директен конфликт со сопствената клиентелистичка база. Наместо тоа, власта прибегнува кон евтина популистичка шминка која ништо не менува суштински. Формираат координативни тела од луѓе избрани со лобирање, кои ниту можат, нити знаат, ниту сакаат да го решат проблемот. Ако можеле, немало ни да го создадат.

Единствен излез од овој затворен круг е формирање на надворешно координативно тело за реформи, составено исклучиво од истакнати странски професори и врвни образовни административци од докажани светски универзитети. Нашите власти би морале доследно, бескомпромисно и без никакви локални прилагодувања да ги спроведуваат нивните директиви за меритократија и евалуација, доколку воопшто сакаме да го спасиме системот од целосно изумирање. Но, многу поверојатно е дека не сакаме и од тоа нема да биде ништо.

Оставањето на реформите во рацете на актуелните раководители е гаранција за конечна смрт на македонското образование. Без радикално затворање на стотина факултети, без попуштање на притисоците, оставање одврзани раце на професорите кои оценуваат реално и без поправање на хаосот во основните и средните училишта, секое формално координативно тело ќе биде само уште еден фиктивен одбор од кој нема да видиме никаков резултат.

Од Фејсбук ѕидот на авторот

дејан трајковски. образование систем
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Албин Курти со освоени 42,3 % од гласовите повторно во водство на изборите во Косово

June 7, 2026

Денеска пак избори во Косово – трети за годинаипол

June 7, 2026

Израелски проектил уби српски војник во Либан откако погоди база на ОН

June 4, 2026

Силен земјотрес го потресе јужниот дел на Италија

June 2, 2026

Најмалку четворица повредени во напад со нож во Швајцарија – напаѓачот извикувал „Алаху акбар“

May 28, 2026
shortcut
ФОКУС
June 13, 2026

Трамп: Утре ќе потпишеме договор со Иран, Ормутскиот теснец повторно ќе биде отворен

ВЕСТИ June 13, 2026

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Соединетите Американски Држави утре ќе потпишат нов договор со…

Трамп: Не знам дали слушнавте – денеска ја завршивме војната со Иран

June 12, 2026

Прилип: 60-ти „Војдан чернодрински“ – Гран при за МНТ за „Страв и надеж“

June 12, 2026

Трамп: Постигнавме одлично решение за војната со Иран

June 12, 2026
ТИКЕР

Албин Курти со освоени 42,3 % од гласовите повторно во водство на изборите во Косово

June 7, 2026

Денеска пак избори во Косово – трети за годинаипол

June 7, 2026

Израелски проектил уби српски војник во Либан откако погоди база на ОН

June 4, 2026

Силен земјотрес го потресе јужниот дел на Италија

June 2, 2026

Најмалку четворица повредени во напад со нож во Швајцарија – напаѓачот извикувал „Алаху акбар“

May 28, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.