Тензиите на Блискиот Исток нагло ескалираа откако Иран соопшти дека до понатамошно известување го затвора Ормутскиот премин, една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта, а САД извршија нов воздушни напади врз ирански воени цели.
Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека нејзините поморски сили запреле контејнерски брод со предупредувачки истрел, обвинувајќи повеќе пловни објекти дека користеле „неодобрена рута“ низ теснецот. Во соопштението се наведува дека Ормутскиот Теснец ќе остане затворен сè додека не престанат американските интервенции во регионот.
Британскиот Центар за поморски трговски операции потврди дека еден брод бил напуштен во близина на брегот на Оман, откако претрпел сериозни оштетувања и пожар.
Американската Централна команда соопшти дека во најновата операција биле погодени повеќе од 140 воени цели, меѓу кои позиции за ракети и беспилотни летала, поморски капацитети, складишта за муниција, комуникациски мрежи и крајбрежни системи за надзор.
Според Вашингтон, нападите биле изведени како одговор на нападот врз контејнерскиот брод „GFS Galaxy“, кој пловел под кипарско знаме. Американските власти соопштија дека еден цивилен член на екипажот се води како исчезнат, а бродот претрпел сериозни оштетувања и не можел да го продолжи патувањето.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет порача дека „Иран направи лош избор и сега ја плаќа цената“.
По американските напади, Иран започна воздушни напади кон повеќе држави во Персискиот Залив. Според извештаите, ракетни и беспилотни напади биле регистрирани над Катар, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Јордан и Кувајт.
Властите во Катар и Обединетите Арапски Емирати соопштија дека нивната противвоздушна одбрана успешно пресретнала ракети и беспилотни летала, додека Кувајт објави дека неговите системи за воздушна одбрана дејствуваат против непријателски цели.
Во меѓувреме, Иранската револуционерна гарда тврди дека со балистички ракети ја погодила воздухопловната база „Принц Хасан“ во Јордан, наведувајќи дека биле уништени командниот центар и хангарите за беспилотни летала.
Претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф изјави дека „ерата на еднострани договори е завршена“, обвинувајќи ги Соединетите Американски Држави дека го прекршиле договорот за прекин на огнот.
Претходно оваа недела, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека примирјето повеќе не важи, по серијата напади што се случија во изминатите денови.




