Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека во изминатите 24 часа кон подрачјето на руската престолнина биле насочени 340 украински дронови, од кои најголемиот дел биле соборени од противвоздушната одбрана далеку од градот, пренесуваа новинските агенции.
Истовремено Украина ги засилила нападите врз руска инфраструктура, особено врз објекти поврзани со нафтената индустрија.
Украинските вооружени сили синоќа соопштија дека извеле напади со дронови врз петрохемискиот комплекс „Салават“ во регионот на Урал и рафинеријата „Афипски“ во јужна Русија. Нападите врз нафтената инфраструктура, според украинската страна, придонеле за недостиг на бензин во Русија.
Во исто време Русија ги интензивирала нападите со дронови и ракети врз Кијив. Русија синоќа извршила нов бран напади со дронови и балистички ракети врз украинската престолнина, петти таков напад овој месец.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека биле оштетени 16 објекти во Кијив, меѓу кои училиште и деловна зграда, додека градските власти соопштија дека избувнале неколку пожари во различни делови на градот.




