Потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски, кој ја предводи собраниската делегација на одбележување на 2-ри август – Денот на Републиката во Крушево денеска во своето обраќање од Мечкин камен порача дека нашето востание денес не се пушката и Црешовото топче, туку одговорноста да се создаде семејство и да се воспитаат деца и нагласи дека демографијата е нашата нова борба за Македонија.
Крушево, градот што е симбол на борбата за слобода и државност, но денес има неколкукратно помалку првачиња отколку во минатите децении. За жал, истото е и во Прилеп, Струга, Струмица, Дебар и во Скопје. Што ќе вредат спомениците, ако нема детски раце што ќе положат венец пред жртвата на Илинденците? Колку ќе вреди македонскиот јазик, ако нема кој да го говори и да им го пренесе на своите внуци? Ќе вредат ли училиштата, ако во нив нема детски џагор? Браќа и сестри. Нашето востание не се пушката и Црешовото топче, туку одговорноста да се создаде семејство и да се воспитуваат одговорни поколенија. Демографијата е нашата нова борба за Македонија. Демографијата не е само статистика. Демографијата е бебешкиот плач и родителските солзи радосници. Младите ученици кои носат надеж за успех. Демографијата е семејство полно со деца и полно со верба дека среќата е поголема кога во домот има повеќе сестрички и братчиња, истакна Милошоски.
Тој рече дека демографијата не е само социјално и економско прашање, туку прашање и на личен приоритет, на семејна среќа и национален опстанок.
Можеме да градиме спортски сали, градинки и училишта. Може да создадеме раст и нови инвестициски проекти. Но, сето тоа има смисла само ако има млади на кои ќе го оставиме. Затоа грижата за семејството, особено за мајките и за децата, не смее да биде тема на еден мандат, на една влада или на една партија. Демографијата е тема што треба да не обедини, а сите ние како поединци и семејства да дадеме личен пример дека тоа што го зборуваме, навистина е тоа за што се залагаме. Да се обединиме за повеќе надеж, за повеќе семејства, за повеќе првачиња – изјави Милошоски.
Тој посочи дека саможртвата на Питу Гули ни дава јасна обврска – да не бидеме генерацијата што наследила држава, а оставила празни домови и празни училишта.
Ние денес имаме држава. Имаме училишта. Имаме војска, здравство и своја Република. Затоа нашата одговорност е поголема, а не помала. Од нас не се бара да ги правиме истите жртви како нив. Само се бара да бидеме верни на идеалите, да не бидеме себични и да го чуваме и унапредуваме она што тие го создадоа.




