Украинските мажи на возраст од 23 до 60 години кои подлежат на воена обврска повеќе нема да можат да добијат привремена заштита во Германија и би можеле да бидат депортирани, објави „УА.њуз“.
Правилото важи само за оние кои пристигнале во Германија на или по 31 јули 2026 година.
Украинците кои пристигнале во Германија пред овој датум и веќе имаат привремена заштита се во поинаква ситуација. Нивниот статус автоматски ќе биде продолжен до март 2028 година. Тоа значи дека новите правила не предвидуваат масовно укинување на привремената заштита за украинските мажи кои веќе се во Германија.
Украинските државјани кои незаконски престојуваат во Германија може да бидат депортирани доколку постојат законски основи за депортација на странски државјани, соопшти германското Министерство за внатрешни работи.
Украинците и понатаму можат да поднесат барање за азил во Германија, кое ќе го разгледува Сојузната канцеларија за миграција и бегалци.
Сепак, самото тоа што некој подлежи на воена обврска во Украина не е автоматски основ за добивање азил. Секое барање ќе се разгледува поединечно, во зависност од околностите.
Новите правила се поврзани со одлуката на Европската Унија за продолжување на привремената заштита за Украинците. Во јули земјите членки се согласија за нејзино продолжување до 4 март 2028 година.
За украинските мажи на возраст за воена обврска, сепак, се воведени дополнителни услови. За да добијат привремена заштита, тие треба да потврдат дека ги исполнуваат своите воени обврски согласно украинските закони.




