Со легнати велосипеди и натпис „Коце врати ни ги улиците“, пред фотаната во Градскиот парк започна протестот со кој ќе се оддаде почит на прерано загинатиот велосипедист, 13-годишниот Давид, и сите трагично загинати жртви на скопските улици-пешаци и велосипедисти, јавува Радио МОФ.
Блокиран е булеварот Илинденска, а голем број граѓани носат цвеќиња во рацете. Собирот, како што појаснуваат организаторите, започнува пред фонтаната „Лотосов цвет“ (кај зградата „МЦМ“), на местото каде минатата седмица животот трагично го загуби младиот Давид од несовесен возач.
Потоа присутните одат низ стариот дел од Градски парк, каде Давид последен пат го возел својот велосипед со другарите и ќе заврши пред канцеларијата на градоначалникот Коце Трајановски, во близина на паркот.
За помалку од една година, на скопските улици загинаа петнаесетина пешаци и велосипедисти. Денеска почина и шеесетгодишен велосипедист кој вчера беше прегазен на Партизанска.