Заканувачкото комунике адресирано до премиерот Никола Груевски, и поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, сериозно се анализира, МВР има одредено лице под сомнение, кое се потпишува како командант Куштрими, и македонските служби се во контакт со косовските за да се расчистат сомневањата околу одреденото лице, информира за НОВА, портпаролот на МВР, Иво Котевски.
На прашањето околу безбедноста на премиерот Груевски, Котевски вели тој е соодветно заштитен, како и досега како највисок функционер во државата, чие обезбедување е загарантирано со закон.
Во однос на тоа дали поранешниот прв човек на тајната полиција Сашо Мијалков, побарал од МВР дополнителна заштита поради заканите, Котевски вели „МВР презема мерки за заштита за секого чија лична безбедност е под сериозна закана, така и за еден поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање“.
Вчера, т.н. ОНА преку коминикето потпишано од командант Куштрими, упати закани до Груевски и Мијалков, како и „сите оние што помагаат против албанскиот народ“.
Во комуникето се бара ослободување на затворениците на ОНА кои се уапсени со „политички монтирани процеси од 2003 година, па се до последниот трагичен настан во кумановско Диво насеље“.
Котевски потврди и дека калибарот на гранатите испукани во комплексот „Соравиа“ на Водно, е ист со калибарот на гранатите кои беа употребени при нападот на Владата во април оваа година. Од направеното вештачење, се утврдува дека станува збор за гранати од 40 милиметри.
Кој употребил оружје за напад на една од највисоките институции во државата, МВР се уште нема одговор, случајот не е расчистен, меѓутоа се работи на тоа, дополни портпаролот на МВР за НОВА.