Денешното таканаречено „сведоштво“ на Трајко Вељаноски е проsирен обид директно да се влијае врз работата на ад-хок комисијата која треба да ги истражи настаните пред и за време на “црниот понеделник“, стои во реакцијата на СДСМ.
Денешен „Дневник“ ја објавува приказната на спикерот Вељановски за случувањата на 24 декември. Тој во своето сведоштво говори за закани, тропање по маси, лажни ветувања и манипулации, но вели дека ни на сон не можел да претпостави што ќе се случи.
Денеска остра реакција од СДСМ: Оние кои силно го подржуваа предлогот на меѓународната заедница за формирање на оваа комисија, сега по секоја цена се обидуваат да го пресретнат неминовниот заклучок за тоа што и беше направено на македонската демократија на 24 декември 2012 година.
Доколку ВМРО ДПМНЕ навистина верува во тоа што го тврди, тогаш немаше во комисијата за членови да предлага пратеници кои по автоматизам имаат конфликт на интереси затоа што беа директни учесници во партиско-полицискиот пуч.
Трајко Вељаноски секогаш во својата кариера бил обичен извршител на наредбите од неговите шефови. Има путер на главата уште од локалните избори во Охрид во 2000 година, кога каубојски беа издавани лични карти за гласање, обвинуваат од опозицијата.
Според нив, пред и за време на “црниот понеделник“, Трајко Вељаноски бил обичен извршител, кого неговите шефови беа подготвени уште на прва да го принесат како политичка жртва за да се спречи продлабочување на кризата. Се плашеше и од сопствената сенка се додека Јавното Обвинителство срамно не ја отфрли кривичната пријава на опозициските пратеници против него.
СДСМ јавно го прашува Вељаноски:
На кого, на една од маратонските координации му го кажа следното: „Знам дека со тоа што ќе го направам ќе го скршам Уставот и деловникот, но морам затоа што Никола ми нареди. Буџетот мора да се донесе. Јас знам дека политички ќе искрварам, ама ќе искрварите и вие?“
И колку пати тој лично по рака го удри потпретседателот на Собранието, Јани Макрадули?