Партијата ДОМ бара оставка од претседателот Ѓорѓе Иванов бидејќи со еден проглас направил серија кривични дела, се дискредитирал како претседател на државата, се понижил себеси како правник и ја засрамил професијата.
– Преку аболиција на “сите политичари“ за кои се води или ќе се води судска постапка за криминал, корупција, изборни измами или кршење на човековите права и слободи, Иванов го згази правниот поредок во земјата, ги закочи демократските реформи, ја згази пресумпцијата на невиност и однапред ги прогласи за виновни сите лица за кои СЈО поведе постапки, следејќи ги индициите од прислушкуваните разговори, се вели во соопштението на ДОМ.
ДОМ реагира дека Иванов направил длабок расцеп во македонското граѓанско ткиво, рогласувајќи се себе за „обединител“.
– На Македонија не и треба монарх кој со проглас ќе одлучува за нашите животи, ќе дели милост надвор од закон, по лична воља, и нема да одговара пред никого! На Македонија не и треба ни марионета, која ќе глуми претседател, а ќе игра според вољата на политички моќници во чии конци се вплеткал, велат од ДОМ.
ДОМ реагира дека на Македонија и треба враќање во нормалност, а тој процес во овој момент треба да започне со институционална борба на свесните пратеници за свикување вонредна собраниска седница за измена на одлуката за распуштање на Собранието, по што ќе следи постапка за импичмент на Претседателот.