Демонстрантите на Шарената револуција кои на денешниот протест катапултираат топки со боја кон Собранието, протестот го продолжија кон министерството за надворешни работи кое исто така доби боја.
Денешниот граѓански протест е против еднопартиските избори, а со гласни свирежи и шарање на улицата пред Собранието демонстрантите порачаа дека власта нема да здивне од револтот на граѓаните.
-Имаме седум барања кои ги знае режимот, сите ги знаат, цела македонска јавност и сите веќе знаеме дека вака не може. Зарем не е тоа голем успех? Ние 5 години протестираме, бомбите и аболицијата беа само масло на огнот.Г руевски го сруши медиумот преку кој дојде на власт. Ние имаме некакви разлики можеби кај економските и социјалните прашања, но кај основните, политичките – немаме. Затоа, од 5. мај до крај! Нека трепери режимот пред револтот на народот, порача активистот Зоран Василевски.
Зоран Василевски
Според активистката Сара Миленковска еднопартиските избори се само за да власта го бетонира своето владеење.
-Сервираат еднопартиски избори со кои сакаат да го бетонираат своето владеење. Сакаат да не замолчат и да имаме недемократска македонија. Ги аболицираат криминалците, а оние граѓани кои имаат свој став им тропаат извршители, рече во своето обраќање Миленковска.
Сара Миленковска
Граѓаните еден месец протестираат на улиците во повеќе градови во земјава. Обединети под движењето #Протестирам бараат повлекување на одлуката за аболиција и оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд за предметите на Специјалното јавно обвинителство, како и повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни.
Дел од барањата се и вклучување на граѓанското општество во решавање на кризата и формирање на преодна влада.