Импровизиран кафез со ликовите на екс- министрите Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески придружувани од шефот на кабинетот на Никола Груевски – Мартин Протуѓер денеска беа главно обележје на протестот на Шарената револуција низ скопските улици.
Тргнувајќи од Специјалното обвинителство, со врзани лисици на поранешните функционери и влечејќи го кафезот, демонстрантите го започнаа маршот првично кон Владата. Во првите редови зад транспарентот „Не за криминалот, не за аболицијата“ беа демонстрантите Власи, кои велат дека на денешниот Меѓународен ден на Власите, нивна должност е да бидат на протест.
-Како што нашите предци со ваков стап оделе по планините со овци, со стада, така ќе си одат и овие бандити. Сами треба да си одат, нека се покажат во кафезот како изгледаат, рече претставник на Власите.
Боите на Шарената револуција, вечерва завршија кон зградата на Владата и Собранието на Република Македонија, каде за прв пат со катапултот фрлаа боја девојки, а припадниците на МВР не пропуштија и овој протест да го снимаат во целост.
Меѓу присутните беше и професорот Гордан Калајџиев кој денеска доби казна од 50 евра или вршење општо корисна работа поради учество и фрлање боја на протестите.
Активистот Замир Мехемти во својот Говор пред Собранието му упати порака на министерот за внатрешни Митко Чавков дека шарањето на институциите ќе продолжи се до нивното „ослободување“.
-Шарената револуција е најголемиот кошмар за фашизоидните шизофреници и нивните безрбетни слуги. Ние овде ја пишуваме историјата на Македонија, на Македонија во која криминалците одат во затвор и тука нема компромис. Господине Чавков ќе ви се обратам вас директно, бидејќи вас ве реизбраа за да не уплашите. Ќе ви кажам дека нема плашење, дека овој народ е разбуден и дека ќе ви шараме сè по список, не ви се плашиме. Ние шараме сред бел ден, не се криеме кукавички како вас, му порача активистот Замир Мехмети на министерот.
Демонстрантите на Шарената револуција повеќе од еден месец континуирано протестират секој ден во 18 часот откако претседателот Иванво ја донесе одлуката за коелктивна аболиција на политичарите.
Граѓаните обединети под Шарената револуција бараат повлекување на одлуката за аболиција и оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд за предметите на Специјалното јавно обвинителство, оставка на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како и итно ослободување на притворените демонстранти. Дел од барањата се и вклучување на граѓанското општество во решавање на кризата и формирање на преодна влада.