Министерството за здравство ја започна процедурата во Меѓународниот борд за контрола на дроги во Виена, откако се создадоа законски можности за увоз на цвет на канабис, тврдат во оваа институција, откако НОВА објави дека маслото од канабис до септември нема да го има во аптеките бидејќи не било навреме поднесено барање во Бордот за контрола на дроги во Виена.
„Процедурата е почната по донесувањето измени на регулативата во Македонија, според која претходно беше забранет увозот на цвет од канабис. Во конкретниот случај станува збор за процедура која согласно стандардите на Меѓународниот борд за контрола на дроги трае подолго, така што Министерството за здравство е во постојана комуникација со институцијата и очекуваме истата да се заврши во оптимален рок“, се вели во одговорот на Министерството за здравство.
Сепак, од Министерството не одговорија на кој датум го поднеле барањето и кога маслото од канабис за медицински цели ќе се најде во аптеките.
Според информациите на НОВА до пред две недели такво барање не било доставено до Меѓународниот борд за контрола на дроги во Виена. Тоа го потврдија извори во Министерството, но и кај производителот, фармацевтската компанија која доби дозвола за производство. Од таму посочија дека дури од кога ќе се добие таа дозвола на компанијата и се потребни уште три месеци за да го адаптира процесот на производство.
Информацијата дека се чекало да се смени законската регулатива за да се поднесе официјално барање за добивање на дозвола досега никогаш не беше кажана јавно, туку постојано се ветуваше дека маслото од канабис за медицински цели ќе го има во најскоро време во аптеките.
Пред две недели од Агенцијата за лекови најавија дека маслото во аптеките ќе се најде по обуката на лекарите која ќе трае до крајот на јуни.
Претходно, министерот Тодоров најави дека маслото ќе го има во аптеките кон крајот на месец мај.
Сетоа ова предизвика збунетост кај граѓаните кои не знаат на што да веруваат. Веќе е јули, а екстрактот од маслото не само што го нема во аптеките, туку и нема најава кога ќе го има. Процедурата за добивање на дозвола не е завршена, ниту пак се знае кога ќе стигне официјалниот документ односно дозволата со која и ќе започне производството и дистрибуцијата на маслото од канабис.