Партијата ДОМ апелира до институциите за прогон да не се занимаваат со гонење на граѓани кои за свое лекување или за лекување на други болни лица бараат начин како да дојдат до медицински канабис.
-Сметаме дека неправедно се малтретираат луѓе како Филип Достановски од организацјата за медицински канабис ,, Зелена алтернатива”.
Наместо прогон потребен е по брз и поефтин пристап до медицинскиот канабис за болните лица.Тоа значи дека е потребно да се либерализира целата постапка за производство на овие препарати, се разбира, со конрола од државата. Но мора да се обезбеди пониска цена за лекот, по можност од домашно производство. ДОМ го поддржа легализирањето на употребата на медицински канабис и поднесе редица амандмани за поголема достапност за болните по пониски цени. Тогаш беа одбиени амандманите но време е да се преиспита законот и во него да се интервенира, се вели во партиското соопштение.
Реакцијата на ДОМ следува откако во четвртокот полицијата го приведе, а по неколку часа и го ослободи активистот на Зелена Алтернатива и поборник за легализација на марихуаната во медицински цели, Филип Достовски.
„Бев во полиција од седум до 12 часот и полицајците беа коректни. Дома беше извршен претрес во кој беше најдена количина на марихуана дадена од болни пациенти за правење масло од канабис, како и див коноп кој се користи за ЦБД масла и за епилепсија. Откако заврши испрашувањето, пуштен сум да се бранам од слобода“, изјави Достовски за НОВА.
Тој не крие дека прави масло од канабис за пациенти кои се болни од рак и дека понекогаш кај него луѓето доаѓаат со марихуана за да ја оцени дали е доволно добра за да се создаде масло.
Во Македонија беше донесен Законот за употреба на масло од канабис во медицински цели, по што дозвола за негово производство доби фармацевтската компанија Реплек. Но, маслото за медицински цели кое содржи ТХЦ, се уште не е почнато да се произведува и го нема во аптеките.
Во моментот, во аптеките може да се најде само масло кое нема ТХЦ и е дополнување на конвенционалната терапија. Во таква ситуација, пациентите се уште се снаоѓаат и го купуваат маслото на црно.