На Скопскиот филмски фестивал, денеска во киното Милениум ќе бидат прикажани филмовите „Cure for pain: Приказна за Марк Сендмен“, „Кралството на месечината“ и „Кралска афера“.
„Cure for pain: Приказна за Марк Сендмен“ во режија на Роберт Бралвер и Дејвид Ферино, кој ќе биде прикажан во 16 часот е приказна за „Morphine“ еден од најголемите американски андерграунд бендови на 90-тите години, предводени од харизматичниот пејач и текстописец Марк Сендмен, кој трагично загина на сцената во италија во 1999-та година, на 47-годишна возраст. Филмот го испитува неговиот живот и дело, историја на неговото проблематично семејство, преку неговиот подем низ различни бендови во младоста, до уникатниот звук на „Morphine“, трио составено од тапани, баритон, саксафон и двожичен контрабас.
„Кралството на месечината“ во режија на Вес Андерсон е приказна за Сем кој е сирак оставен на милоста и немилоста на згрижувачките родители и неговата извидничка организација. Сузи живее во светилникот со тројца помлади браќа, родители-адвокати и нагон за слобода. Таа одлучува, Сем ќе биде нејзиниот маж. Никој не ја разбира нивната привлечност. По ѓаволите, и двајцата имаат по 12 години. Одлучуваат да избегаат и наскоро возрасните ќе влезат во нивниот рај.
Во 22 часот прикажан ќе биде номинираниот за Оскар „Кралска афера“. “Кралска афера“ е романтична историска драма со енергично срце. Во доцниот осумнаесетти век Данска е управувана од страна на расипаниот крал Кристијан VII (Фолсгард), за кого владеењето е сведено на играње со кучето и препуштањето на сите телесни задоволства. Робусниот и убав германски доктор Јохан Струенсе (Микелсен), кој е верен подржувач на реформистичките принципи на просветителството, толку му се допаѓа на кралот при една средба во странство што бара од него да дојде со него во Копенхаген како негов личен лекар. Таму Струенсе ја открива неговата борба со волшебната кралица Каролина Матилда (Викандер), која пати за внимание.
Во киното Рамстор во 18 часот репризно ќе биде прикажан српскиот „Кругови“ во режија на Срѓан Голубовиќ.
Во 20 часот прикажан ќе биде данскиот „Лов“ во режија на Томас Винтерберг.
“Лов“ е интелигентна и вознемирувачка анатомија на данското општество, според жестокоста сличен на “Прослава“, првиот меѓународен успех на режисерот Томас Винтерберг. Сместен во мало предградие, со ѕвездата Мадс Микелсен како Лукас, разведен социјален работник, кој се надева дека ќе добие старателство над неговиот отуѓен син тинејџер. Допадлив и лежерен, Лукас е составен дел на оваа мала заедница, живее во градот целиот свој живот и формирал доживотни пријателства со Тео и Брун, кои редовно организираат одење на лов.
Во 22 часот прикажан ќе биде чилеанскиот „Не“ во режија на Пабло Лараин, номиниран за Оскар, и награден на Кандскиот филмски фестивал.
Филмот е возбудлива историска драма за еден млад маркетиншки експерт во Чиле 1988 година, кој е ангажиран да направи кампања за политичката опозиција, во моментот кога владеењето на диктаторот Аугусто Пиноче е ставено на национален плебисцит. Во 1988 година, подлегнувајќи на меѓународниот притисок, режимот на генералот Пиноче повикува на национален референдум со предлогот да се продолжи владеењето уште осум години. Гласањето има два избора: “Да“ (да се прошири владеењето на Пиноче) или “Не“ (не повеќе Пиноче). Голем дел од населението верува дека референдумот ќе биде изманипулиран и се одржува само за да се смири меѓународната заедница. Користејќи формат 4:3 и снимајќи аналогно, Лараин ја одржува естетиката на историскиот период и беспрекорно ги комбинира новите и архивските снимки. Ангажиран и напнат филм кој остава без здив, “Не“ е тензичен политички трилер со длабока порака и жив документ за триумфалното враќање на Чиле во демократијата.