По повод големиот празник Курбан Бајрам за граѓаните од муслиманска веросиповед политичарите во своите честитки порачуваат на мир и соживот.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов во својата честитка до поглаварот на Исламската верска заедница вели:
„Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија, да Ви го честитам празникот Курбан Бајрам. Муслиманите низ светот го слават „празникот на жртвата“ како ден кога благосостојбата ѝ подава рака на сиромаштијата, помагајќи и споделувајќи со семејството, пријателите и со сиромасите, нагласувајќи ги сите човечки доблести. Честитајќи Ви го празникот Вам и на сите верници од исламска вероисповед, Ви посакувам благосостојба и мир во Вашите домови и во домовите на Вашите блиски“, пишува Иванов.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во честитката за поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи и муслиманите во име на партијата и во свое име им го честита празникот, потенцирајќи дека Македонија е земја во која различностите на вери и култури се нашето најголемо богатство.
– Со векови сме развивале соживот и толеранција, и тоа е наш аманет кој треба да го оставиме за сите идни генерации да продолжат да го негуваат. Тоа се нашите основни вредности и наша традиција, односно нашиот несомнено огромен придонес кон глобалното општество кое заеднички го градиме и во кое сите живееме, вели Груевски.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во чест на големиот празник исто така упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница и до сите граѓани кои го празнуваат.
– Ви го честитам големиот празник Курбан Барјам на Вас, на членовите на Исламската верска заедница, на граѓаните од исламска вероисповед и на сите кои го празнуваат, во мое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз. Духовната сила што ја носи овој голем празник нека биде силен поттик за секого, посилен од секогаш, да застане зад вредностите што го отвораат патот кон мирен, безбеден, среќен, достоинствен живот. Тоа е сочувството, тоа е љубовта, тоа е мудроста, тоа е трпението, тоа се меѓусебното разбирање и толеранцијата, пишува во својата честитка Заев.
Курбан Бајрам започна со утринската молитва сабах-намаз, а потоа и со молитвата бајрам-намаз, а трае три дена во кои почитта кон Алах, муслиманите ја искажуваат со колење на курбан.
Курбан Бајрам се одбележува 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр-бајрам, а го означува денот кога е комплетиран светиот Куран.