Излегува од домашен притвор градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
Апелациониот суд Скопје попладнево доставило решение со кое жалбата на Талески се уважува, а решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основен суд Скопје 1 – Скопје се преиначува и со тоа мерката куќен притвор се укинува, соопшти Основниот суд Скопје 1.
„Против осомничениот се определува мерка на претпазливост, обврска истиот да се јавува секој работен понеделник и работен петок кај овластено службено лице во Основен суд Битола“, се вели во соопштението на судот.
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во петокот достави барање до Кривичниот суд за трето продолжение на куќниот притвор за битолскиот градоначалник Владимир Талески.
Ова е трет пат како Обвинителството побара да се определи куќен притвор за битолскиот градоначалник. Талески беше во притвор од 16 јуни, а мерката по барање на СЈО беше повторно изречена на 21 јули.
Битолскиот градоначалник и уште 22 лица се осомничени во случајот „Транспортер“ за злоупотреба на буџетот за 360 илјади евра поради незаконско организирање на училишниот транспорт, со што според СЈО, Битола го плаќала најскапиот превоз во светот. СЈО бараше притвор, но Судот му додели куќен притвор.
По јавната седница на Апелација на 18 август, Талески за меидуми изјави дека се чувствува супериорно, бидејќи, како што рече – вистината е на негова страна.
-Апсолутно се чувствуваме супериорни затоа што вистината е на наша страна и јас сум убеден дека овие луѓе во Апелација ќе ја согледаат вистината и ќе донесат исправна мерка, така што ценам дека сето ова почнува да добива еден расплет. Јас сум убеден дека за кратко граѓаните ќе видат дека целата ситуација е наместена и ќе повторам, не може од еден телефонски разговор, кој што го водат некои двајца луѓе за некој трет, третиот да биде обвинет за некој прекршок. Јас сум сигурен дека сето ова брзо ќе се расчисти, но да оставиме времето да покаже, рече Талески.
Тој призна дека иако е во притвор, од дома раководи со општината, бидејќи, како што вели освен притворот нема никаква друга забрана.
Случајот со превозот на учениците, беше споменат и во 19. „бомба“ на опозицијата, во која министерот за финансии Зоран Ставрески во разговор со екс-министерката за внатрешни Гордана Јанкулоска, споменува дека битолскиот градоначалник за превоз на учениците склучил договор „коруптивен до даска“ со цени десет пати повисоки од предвиденото.