Случајот „Трезор’ исфрли на површина скандал со злоупоттреба на буџетски средства за набавка на опрема за шпионажа. Осомничени се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, екс началникот на петтата управа Горан Грујовски, шефот на кабинетот на Мијалков,Тони Јакимовски, и бившиот помошник министер во МВР и член на Управен одбор на Телеком Небојша Стајковиќ.
Софистицирана опрема за пресретнување на електронските комуникации, со овие зборови Специјалното јавно обвинителство ја опиша опремата која е предмет на истрага во новиот случај на СЈО наречен „Трезор“. На денешната прес конференција не се открија детаљи за видот на опремата, а од СЈО одбиваат да одат подалеку од овој опис во интерес на истрагата. НОВАТВ долги години ги следеше набавките на опрема за потребите на тајната полиција, односно УБК, особено поттикнати од нетранспарентните набавки и отсуството на отчетност пред институциите на оваа моќна управа. Извори во МВР во безбедносните служби за НОВА откриваат дека ова е опрема која се користи за да се следат активностите на компјутери и мобилни уреди на граѓаните. Никој не сака да каже која е опремата, но редакцијата на НОВА врз база на нашите истражувања направи потесен избор. Ако се земе во предвид времето во кое е набавена, типот на опрема, како и локацијата на фирмата – набавувач, се отвораат сериозни сомнежи дека преку „Финзи“, всушност, е набавен софтверот „Финфишер“ – озогласена алатка во светот на граѓанските активисти кои се противат на неограниченото следење на граѓаните низ целиот свет.
На почетокот на 2013 година, во извештајот на истражувачката група „Ситизен Лаб“ од универзитетот од Торонто беше објавено дека дел од државите кои го набавиле контроверзниот софтвер за шпонирање е и Македонија, за во Мај да го дополнат извештајот и со информации за провајдерот на овој софтвер и известуваат дека серверот користи ИП адреса од Македонски Телеком. Во тоа време. НОВАТВ дојде до инфорамции дека софтверот е набавен во 2011 година. НОВАТВ тогаш доби релевантни информации дека станува збор за набавка која одела преку Министерството за внатрешни работи, но сите институции, вклучително и владата, одбиваа да коментираат. Членови на собраниската комисија за набљудување на службите тогаш коментираа дека не постои можност согласно законите таа опрема да биде набавена од институција која не е МВР. МВР ниту демантираше, ниту потврдуваше.
Оттогаш наваму, заклучно со последниот извештај на „Ситизен Лаб“ од 2015 година, Македонија е редовно на мапата на корисници на „Финфишер“.
ЗОШТО Е ОПАСЕН ФИНФИШЕР
Легален софтвер за нелегална шпионажа и моќна алатка во рацете на владите– ова би бил најкусиот опис на сотфверот Финфишер согласно истражувањето на Ситизен Лаб. Софтверот се користи за надгледување на мобилни телефони, емаил, интернет пребарувачи, а на корисникот може да му овозможи целосна контрола врз вашиот компјутер или телефон, односно постојано да гледа што правите, со кого се допишувате, со кого разговарате, што пребарувате, пишувате, читате или буквално се – како тој да седи пред вашиот компјутер, а не вие.
А она што го прави овој софтвер единствен е неможноста да откриете дека сте следени бидејќи ниту еден антивирус не може да го декетира. Истиот се инсталира откако ќе добиете порака за апгрејдување на некој од постоечките програми.
Во моментот кога ќе дозволите тоа, а не сте во можност да распознате дека станува збор за вирус, оној кој го користи софтверот може да следи се што правите, па дури и типкањето на тастатурата.
Финфишер е произведен од германската компанија Еламан ГМБХ во партнерство со британската групација Гама Груп Интернешнл.
Во колумна за Радио Слободна Европа Арангел Ангов, експерт за слободен софтвер, помеѓу другото открива дека македонскиот амбасадор на земјава во Германија барал заинтересирани компании во Македонија за пласирање на производите на компанијата – производител на софтверот Еламан ГМБХ
“Финфишер не е софтвер кој што можете да го симнете од интернет туку-така, се работи за софистициран и скап софтвер произведен од германската компанија „Еламан гмбх“ која што е во партнерство со британската групација „Гама груп интернешнл“, која што пак благодарение на македонскиот амбасадор во Сојузна Република Германија, според веб сајтот на Стопанската Комора на Македонија, барала заинтересирани компании и институции во Република Македонија за да им ги понуди своите производи”, пишува Ангов.
Интервју за НОВАТВ од експертот за софтвер, Дамјан Георгивески, за опасностите од „Финфишер“
Вкупно 36 земји во светот го имаат набавено овој софтвер, а освен режимски земји, меѓу нив и многу европски држави како Чешка, Холандија и Бугарија, за која во извештајот е наведено дека серверот е поставен во бугарското министерство за администрација.
Меѓународната организација Репортери без граници ја смести компанијата Гама на листата на “непријатели на интернетот” и “дигитални платеници”.
Во видеото можете да погледнете како се инсталира и како функционира Финфишер, а кое Викиликс го подготви за да ги информира граѓаните низ светот.