Младиот македонски репрезентативец Давид Бабунски доби шанса на теренот, на мечот против Јавор во кој Црвена Звезда победи со 4:2. Тој ги одигра последните 15 минути од натпреварот и е задоволен.
„Покажавме во Ивањица дека секогаш одиме на победа. Натпреварот не беше лесен. Моравме да бидеме стрпливи и да чекаме да ни се создаде шанса. Мило ми е што после подолга пауза се вратив на терен, напорно работам за да ги оправдам очекувањата на раководството. Ме радува и тоа што сме ефикасни во нападот и што публиката на секоја наша шанса може да ужива во убави голови“, изјави Давид Бабунски.
Играчот за врска во Црвена Звезда во наредниот период го очекуваат обврски со македонската репрезентација.
„Ќе ги бранам боите на младата македонска репрезентација на мечот со Шкотска. Секогаш ми е голема чест да играм за националниот тим. Тоа е воедно добра прилика да тренирам и да останам во натпреварувачки ритам. После тоа сите се враќаме на тренинзите со екипата со истата цел – оваа година да ја освоиме титулата. Секој ден работиме напорно за тоа и размисливаме само за победа“, вели Бабунски.