Македонскиот првак подобар од унгарскиот состав со 30:27 за 11 победа во низа во 12 меч во сезоната. Разликата во корист на вардарци ја популарниот „џамбо“ голман со деветте одбрани во вториот дел
Не џабе го викаат „џамбо“. Ефектот на Страхиња Милиќ беше од огромно значење за ракометарите на Вардар да забележат нова, 11, победа по ред во оваа сезона во 12 настап (првиот беше реми). Со деветте одбрани во второто полувреме ја направи разликата на теренот во СЦ „Јане Сандански“ во корист на македонскиот првак во кончните 30:27 против ПИК Сегед во Лигата на шампиони. Го призна тоа и тренерот Раул Гонзалез по мечот.
„Моравме да менуваме во одбрана за вториот дел. Дел од стратегијата беше и Милиќ на голот кој направи разлика“, рече Шпанецот на вардаровата клупа.
Патот до победа на „црвено-црните“ беше тежок како што се очекуваше. Првото полувреме го одиграа со осцилации, во одбрана пред се, и во најголем дел беа во негатива од, најчесто еден гол. На одмор, сепак, успеаја да замина со еден гол позитива (16:15).
„Горд сум на моите ракометари како се справија со ситуациите и противникот во второто полувреме. Одиграа борбено, до израз дојде нивниот квалитет и заслужено славеа на крајот. Сега имаме осум бода од четири меча што е одлично. Но, не застануваме тука. Мора да продолжиме со напорната работа за продолжување на победничката серија. И во Загреб ќе одиме по победа“, додаде Гонзалез.
Гостинскиот играч Балок беше прв стрелец во натпреварот со девет гола. Еден помалку од него реализира Дибиров, најефикасниот поединец во победничката екипа.
„ПИК Сегед е екипа што не можете да ја добиете со голема разлика. За нас важна беше секоја топка. На крајот победивме и завршивме голема работа. Каков е резултатот и дали победуваме со еден гол разлика или повеќе не нè интереесира. Нас нè интересира да победуваме, а тоа и го правиме“, рече вардаровото лево крило.
Лига на шампиони
Група Б, 4. Коло
Резултати: Вардар – ПИК Сегед 30:27, ППД Загреб – Мешков Брест 22:27, Кјелце – Целје 31:23, Рајн Некар Левен – Кристијанштад 30:29.
Табела: Кјелце 8, Вардар 8, Рајн Некар Левен 5, Мешков Брест 4, ПИК Сегед 3, Кристијанштад 2, Целје 2, ППД Загреб 0.
Наредно коло: Кристијанштад – Целје, ППД Загреб – Вардар, ПИК Сегед – Мешков Брест, Кјелце – Рајн Некар Левен.