Американката го откажа учеството во Сингапур поради повреда на рамото што ја влече од олимписките игри во Рио де Жанеиро
Финалниот турнир на осумте најдобри тенисерки во сезоната по вторпат по ред ќе мине без Серена Вилијамс. Американката го откажа учеството во Сингапур поради повреда на рамото што ја влече од олимписките игри во Рио де Жанеиро.
„Останав дома на инсистирање на лекарите. Повредата на рамото мора да се санира како би можела да играм наредната година. Зад мене имам тешка сезона. Неприликите со рамото не ми дозволија да се одморам“, образложи американската тенисерка.
Последниот настап Серена Вилијамс го имаше на грендслемот во Њујорк во кој беше елиминирана во полуфиналето од Каролина Плишкова.
На завршниот ВТА турнир победуваше пет пати до сега. Го стори тоа во 2001 година, во 2009, во 2012, во 2013 и во 2014. Повеќе трофеи од неа има само Мартина Навратилова. Сезоната ја завршува со два турнирски триумфа од кои едниот беше на Вимблдон.
Меѓу топ 8 во Сингапур оваа година ќе бидат Анжелика Кербер, Симона Халеп, Ангешка Радванска, Каролина Плишкова, Гарбине Мугуруза, Медисон Кис и Доминика Цибулкова. Турнирот започнува на 23 октомври и ќе трае до 30.