На 11 декември ќе се одржат најскапите избори досега одржани во Македонија и ќе чинат 7,5 милиони евра. Оваа сума била предвидена и за другите датуми што беа закажани за избори оваа година – на 24 април и 5 јуни.
Во ДИК велат дека сумата била скратена со ребалансот на буџетот и со оглед на тоа што изборите не се одржаа ни во април ни во јуни па сега Министерството за финансии ќе треба да ја дополни разликата по ребалансот и предвидената наведена сума.
Овие милиони се трошат на печатење на изборни ливчиња, печати, хонорари, превоз итн.
Во Македонија често се одржуваа предвремени избори. По победата на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година, во 2008 година повторно имаше избори по грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт. Потоа повторно во 2011 година поради политичката криза и бојкотот на опозицијата. И повторно во 2014 година кога владеачката партија одлучи дека парламентарните избори треба да се одржат во исто време со претседателските.
Државјаните на Македонија кои живеат во странство од денес можат да се пријават во амбасадите за гласање. Пријавувањето е можно само до 11 ноември.