По вчерашниот текст на НОВАТВ со наслов „Кочници за СЈО: Телеком дава отпор, ВИП и ОНЕ соработуваат“, компанијата се јави да демантира дека тоа е вистина. Во целост ви го пренесуваме демантот на „Македонски Телеком“.
„Македонски Телеком ги демантира наводите во гореспоменатиот текст дека имено компанијата давала отпор во соработката со СЈО. Македонски Телеком секогаш одговара навремено и во поставените рокови согласно законските одредби“, пишува во дописот од Телеком.
Во јули минатата година „Маџар Телеком“, мнозинскиот сопственик на „Македонски телеком“, покрена интерна истрага за да ги истражи наводите за вмешаност на компанијата во скандалот со прислушувањето.
Главен оперативен директор на Македонски Телеком е Жарко Луковски. Тој е еден од аболираните од страна на Претседателот Ѓорѓе Иванов за кривичните дела „Повреда на слободата на определување на избирачите“ и „Повреда на тајноста на гласањето“. СЈО води случај („Трезор“ ) во кои што како осомничен се јавува член на Управниот одбор на „Македонски телеком“ на предлог на владата и истовремено вработен во МВР, Небојша Стајковиќ.
Во одборот на директори има и и истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ, како Ирена Мишева, претседател на Советот на Град Скопје. Мишева во објавените прислушувани разговори кои ги објави лани опозицијата, можеше да се чуе како со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески договара исклучување на телефони на денот на избори на членови на опозицијата.