Обединетите нации соопштија дека бунтовниците во Сирија, кои се борат против режимот на претседателот Башар ал Асад, во своите напади користеле нервен гас „сарин“.
Инспекторката на ОН, Карла дел Понте, истакна дека информациите потекнуваат од разговори со жртвите на нападите и докторите во соседните земји, каде што се лекуваат ранетите лица.
– Во извештаите има конкретни и силни сомнежи дека бил употребен „сарин“, но сѐ уште нема целосна потврда. Хемиското оружје „сарин“ најверојатно го користеле бунтовниците, а засега нема докази дека тоа го сториле и владините сили – изјавила Дел Понте.
Комисијата на Дел Понте наредниот месец треба да го објави најновиот извештај за кршењето на човековите права во сирискиот конфликт, во кој според досегашните податоци загинале над 70.000 лица од март 2011 година.