Од денеска започнува изборната кампања за предвремените парламентарни избори на 11.декември што ќе трае до до 9.декември на полноќ.
На изборите ќе учествуваат 11 политички субјекти – пет коалиции и шест партии.
Право на глас имаат вкупно 1.784.524 граѓани. Во дијаспората ќе можат да гласаат 20.591 македонски државјани.
Под реден број еден на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, под редниот број два е Демократската партија на Албанците (ДПА), тројка е Демократската унија за интеграција (ДУИ), a редниот број четири го извлече Коалицијата предводена од СДСМ. Под број пет на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата За промени и правда, предводена од Демократски сојуз, шеста ќе биде Партијата за демократски просперитет (ПДП), седмото место е за Коалицијата Алијанса за Албанците, осма Либералната партија, деветта ВМРО за Македонија, десетта на избирачкото ливче ќе биде Движење БЕСА и 11-та политичката партија Левица.
Претставници на политичките партии вчера во Државната изборна комисија потпишаа Кодекс со обврска дека ќе ги почитуваат законите и правилата.
Меѓу другото, партиите преку Кодексот се обврзаа дека нема да вршат притисоци или други обиди да влијаат на гласот на индивидуата, како и врз администрацијата и вработените во претпријатијата.
Кодексот го потпишаа Никола Груевски, предводник на коалицијата „За подобра Македонија“, лидерот на здружената опозиција Зоран Заев, Изет Меџити од ДУИ, Мендух Тачи од ДПА, Гзим Острени од коалицијата Алијанса за Албанците, Ивон Величковски од ЛП, Стојанче Ангелов Коалицијата „ВМРО за Македонија“, Павле Трајанов од Коалицијата за промени и правда – Трет блок, Билал Касами од Беса, Здравко Савески од Левица и Мухамед Халили од ПДП.
На потпишувањето на Кодексот присуствуваа амбасадорите на САД, Германија, Франција, Велика Британија, заменик амбасадорот на ЕУ и и шефот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, како и сите членови на ДИК и други претставници на партиите.
„Заедно одлучуваме“, „Не се плашете, режимот ќе падне“, „Одиме право“, „Денес или никогаш“, „Искра во мракот“, се дел од слоганите со кои ќе настапат партиите на изборите. Од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ засега не ги откриваат. НОВА истражуваше колку се важни слоганите и дали тие влијаат на изборниот резултат.