Рочиштето за судењето на членот на Левица и кандидат за пратеник на претстојните избори, Мариглен Демири, кој се товари за учество на протестите во април годинава, кога беше демолирана Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, повторно е одложено.
Судијката Добрила Кацарска од Основниот суд Скопје 1 го одложи судењето, а притоа ја искара претставничката од Државното правобранителство дека доцна ја доставила проценката за материјалната штета од кршењето на стаклото на канцеларијата.
„Писмениот поднесок од Државното правобранителство сте го испратиле дури вчера. Јас го добив 10 минути пред судењево. Минатиот пат рочиштето беше одложено поради тоа што не сте биле подготвени. Државен правобранител да му прави трошоци на Судот со одлагања на рочишта е несериозно во најмала рака“, и рече судијата на претставничката, притоа презакажувајќи го рочиштето за 24.јануари идната година.
Левица повторно реагираше дека овој судски процес против Демири претставува притисок на власта кон членовите на оваа партија, кој продолжил, велат и на почетокот на изборната кампања.
Мариглен Демири се наоѓа на второто кандидатско место на листата на Левица за првата изборна единица.