Трагедијата што се случи со бразилските фудбалери на Шапекоенсе во Колумбија е последна во низата на авионски несреќи во кои настрадаа натпреварувачи од различни спортови, екипи, репрезентации.
Најпознатата на овие простори е онаа во Минхен на 6 февруари во 1958 година што беше фатална за дел од Манчестер јунајтед. Со себе однесе 23 човечки животи од кои осум фудбалери, тројца членови на стручниот штаб, двајца гости на клубот од „Олд Трафорд“, осум новинари и двајца членови на екипажот.
Премиерлигашот се враќаше од Белград по натпреварот со Црвена звезда, а леталото слета во Германија да дополни гориво. Но, третиот обид за полетување на замрзнатата писта беше фатален за „црвените ѓаволи“ чија тогашна генерација, поради просекот на возраст од 20 години, популарно беше нарекувана „Безбиеви бебиња“.
Таа, за жал, е само една од 20-те авионски несреќи во кои спортисти ги загубија животите. Најмногу жртви, 36, имаше екипата во американски фудбал од универзитетот „Маршал“ на враќање од натпревар во 1970 година. Клубот се најде пред згаснување. Трагичниот настан го избегнаа само еден од асистентите на тренерот кој патуваше со автомобил и двајца играчи кои поради повреди го пропуштија мечот. Универзитетската управа расправаше за гасење на проектот меѓутоа за време на седницата се собраа неколку илјади студенти пред зградата кои со наизменични скандирања „We are Marshal“ покажаа дека духот на екипата и натаму ќе живее како што и продолжи да живее.
Чилеанската екипа Грин Крос во април во 1961 година загуби осум фудбалери и двајца тренери во несреќа во планините Лас Ластимас. Цели 54 години не беа најдени остатоците од авион што се урна на непристапен предел на Андите. Кога, конечно, се стигна до местото на трагедијата, еден од нејзините членови кој избегна смртта во последен час со замена на билетите рече: „Повторно сме заедно“. Пред фаталниот лет на фудбалскиот клуб Шапекоенсе, последниот се случи пред пет години во кој настрадаа рускиот хокеарски тим на Локомотива. Клубот од Јарослав кај Туношна загуби 36 членови 27 играчи, двајца тренери и седум членови на управата на пат кон Минск, Белорусија на почетокот на сезоната 2011/12 во КХЛ (Континентална хокеарска лига).
Авионски несреќи во светот досега во кои страдаа спортисти
8 ноември 1948 година: Авион со чешки хокеари падна во Ла Манш. Во несреќата загинаа пет репрезентавци на тогашна Чехословачка меѓу кои и Ладислав Тројак, член на Куќата на славни
4 мај 1949 година: Екипата на Торино, четирикратен фудбалски шампион на Италија, настрада во пад на авион. Животот го загубија 18 играчи и четири члена на раководството на клубот
7 јануари 1950 година: Во авионска несреќа во близина на Свердловск загинаа 11 хокеари на тимот на ВВС од Москва
6 февруари 1958 година: Манчестер јунајтед ја доживеа најтешката несреќа во клупската историја. Осум фудбалери загинаа при пад на авионот во близина на Минхен по натпреварот со Црвена звезда во Белград
14 август 1958 година: Шест репрезентативци на Египет во мечување го загубија животот во авионска несреќа во Атлантски океан
10 октомври 1960 година: Шеснаесет членови на екипата во американски фудбал од Кал Поли (Сан Луј Обиспо) загинаа во авионска несреќа во Охајо
16 февруари 1961 година: Речиси цела американска репрезентација во уметничко лизгање загина во Белгија. Летот беше фатален за 18 натпреварувачи и 10 тренери
3 април 1961 година: Осум фудбалери и двајца тренери на чилеанската екипа Грин Крос настрадаа во авионска несреќа во планините Лас Ластимас
28 април 1968 година: Во авионска несреќа во Тексас загинаа пет атлетичари и тренерот на екипата, Ламар Тек
26 септември 1969 година: Шеснаесет играчи, тренер и двајца асистенти во стручниот штаб на Стронгест, клуб од Боливија, настрадаа при пад на авион во близина на Вилоко
2 октомври 1970 година: Авион со кој се превезуваше универзитетската екипа на Вичита Стејт во американски фудбал се урна во Колорадо. Несреќата беше кобна за 14 играчи
14 октомври 1970 година: Дури 36 играчи во американски фудбал од екипата на универзитетот „Маршал“ настрада при пад на авион во Западна Вирџинија
13 октомври 1972 година: Аматерски рагби тим од Уругвај беше меѓу 29 настрадани во падот на авион во чилеанските Анди. За да опстанат, дел од преживеаните јадеа од телата на покојните
13 декември 1977 година: Четиринаесет играчи и тренерот на универзитетската кошаркарска екипа Евансвил загинаа во Индијана
14 март 1979 година: Четиринаесет членови на аматерската боксерска репрезентација на САД ги загубија животите во авионска несреќа во Варшава
25 ноември 1985 година: Три натпреварувачки во крос и двајца тренери од универзитетската екипа Ајова Стејт загинаа при урување на авион во Ајова
8 декември 1987 година: Фудбалскиот клуб Алијанса од Лима загуби 16 играчи и тренер во авионска несреќа во главниот град на Перу
28 април 1993 година: Осумнаесет фудбалски репрезентативци на Замбија загинаа при пад на авион во Габон
27 јануари 2001 година: Двајца кошаркари на универзитетот Оклахома Стејт и шест члена на стручниот штаб ги загубија животите во авионска несреќа во Колорадо
7 септември 2011 година: Руската хокеарска екипа Локомотива Јарослав со 27 играчи, двајца тренери и седум члена на раководството на клубот настрада при уривање на авион во Туношни