За прв пат на овие избори, на избирачкиот список освен личните податоци за гласачите, ќе има и фотографии за полесна идентификација, како и елиминирање на евентуални злоупотреби, информираа денеска од Државната изборна комисија.
Личните фотографии се во формат како од личните карти или патните исправи на гласачите. ДИК ја информира јавноста и дека гласачките ливчиња и изводите од избирачкиот списоксе во фаза на подготовка за печатење, заедно со останатиот доверлив изборен материјал, кој до општинските изборни комисии ќе се достави согласно рокот предвиден во Изборниот законик.
ДИК информира дека изборните органи (општинските изборни комисии и избирачките одбори) потребно е да се воздржуваат од било каква партиска активност се до завршување на изборниот процес. Ова е забрането и со закон и за вакви престапи предвидени се строги казнени мерки.
„Во оваа прилика, ги повикуваме сите вработени во државната и јавната администрација во текот на работното време да се воздржуваат од партиски активности, и воедно ги охрабруваме да не се плашат од евентуалните притисоци кои можат да доаѓаат од нивните претпоставени и истите да ги пријават“, беше речено на денешната прес конференција.
„Апелираме и до сите гласачи да не подлегнуваат на провокации на лица кои евентуално пружаат поткуп, а кои на ваков начин сакаат да го злоупотребуваат правото на слободно, независно и демократско гласање. Сите гласачи на кои во која било фаза од изборниот процес им е повредено личното избирачко право, можат да поднесат приговор до Државната изборна комисија во рок од 24 часа по сторената повреда. ДИК е должна по секој приговор од гласачите да донесе одлука во рок од 4 часа по приемот“, апелираат од ДИК.
ДИК, ги повика надлежните органи како МВР, Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата итн. да ги спроведуваат сите нивни законски надлежности со цел одржување на регуларни избори.
Инаку, до овој момент ДИК има издадено акредитации на: 3623 домашни набљудувачи, 521 меѓународни набљудувачи, 146 преведувачи и 30 странски новинари.