Бизнисменот Валентин Илиевски е именуван за нов претседател на фудбалскиот клуб Сараево. Тој, речиси, едногласно го доби мандатот од делегатите на вонредното Собрание да биде на чело на тимот од „Асим Ферхатовиќ-Хасе“ или попознат како стадион „Кошево“. Според медиумите во БиХ, Илиевски иако не важеше за фаворит за функцијата, сепак, ја освои довербата кај присутните, но и кај навивачите на екипата во „бордо-бела“ комбинација.
„Чест е да се биде претседател на Собрание на еден познат фудбалски клуб што е регионално препознатлив и клуб што своето име го градеше низ традиција долга седумдесет години. Сакам со својата работа и ангажман, заедно со сите вљубеници во ФК Сараево, но и на фудбалот воопшто, да придонесам за поуспешни резултати на клубот на сите полиња. Благодарност до делегатите за искажаната доверба“, рече Илиевски по изборот кој на функцијата го наследува Едис Кустурица.

Валентин Илиевски е роден во Куманово во 1968 година. Со академско образование се стекнал на машинскиот факултет во Германија. Генерален директор е на „Месер БХ Гас“, живее и работи во Германија со привремена адреса во БиХ.
Во својата богата кариера стекнал многубројни менаџерски искуства со ангажмани во познати компании како „Спенглер“, „Волтер“, „Киблер“ и многу други, пишува весникот „Дневни аваз“. Од октомври во 2008 година е на чело на „Месер БХ Гас“ и „Месер Сараево Плин“.

Навивачите од Илиевски очекуваат да го врати Сараево на шампионските патеки. Прв човек на клубот е малезискиот бизнисмен и инвеститор, Винсент Тан, кој е сопственик и на англиски Кардиф сити, белгиски Кортријк и Лос Анџелес во САД.