Рома влегува во 2017 година со реализација на обемен инфраструктурен проект. Умберто Гандини, извршен директор на „волчицата“, на прес-конференција во Дубаи го најави почетокот на изградбата на новиот стадион чиј капацитет ќе изнесува 56.000 седишта, ќе биде лоциран во југозападниот дел на Рим и ќе чини фантастични 1,3 милијарди евра.
Стадионот „Дела Рома“ беше одложуван неколку години поради проблеми со обезбедување на сите потребни дозволи, но Гандини порача дека клубот е финална фаза пред отпочнување на градежните работи и сигурно ќе биде поставен камен темелник во наредната година. Притоа нагласи дека новиот објект на римјаните ќе биде готов за сезоната 2020/21.
„Од почетокот на работите нè делат неколку месеци. Без оглед на изборите и промената на власта, уверен сум дека нашиот проект, со минимални измени, ќе добие дозвола“, рече Гандини.
Со ова Рома ќе биде втор клуб во Италија, по Јувентус, што ќе има стадион во своја сопственост. „Старата дама“ од 2011 година е преселена на „Јуве арена“ (капацитет 41.000 места) и не мора повеќе да дели терен со градскиот ривал Торино. „Волчицата“, пак, своите натпревари како домаќин ги игра на „Олимпико“ што го користи и Лацио. Римјаните го изнајмуваат теренот од градските власти што по 2020 година повеќе нема да биде случај бидејќи ќе бидат свои на своето.