Стефан Крафт триумфира во Оберсдорф во првиот натпревар од традиционалната новогодишна турнеја „Четири скокалници“. Австриецот „леташе“ 139 метри во првата серија и 134,5 метри во втората за вкупно 308 бода во Германија. Второто место го освои Полјакот Камил Стох со скокови од 137 метри и 135 метри, трет на подиумот се искачи сонародникот на Крафт, Михаел Хајбек (135 м. и 133 м.).
Лидерот во Светскиот куп во скијачки скокови, Домен Превц не беше расположен, па настапот во Оберсдорф го заврши како 26. Но, Словенија, сепак, имаше причини за задоволство од причина што тројца нејзини претставници се најдоа во топ 10. Цене Превц се пласира на осмото место, Јуриј Тепеш беше деветти, а Петер Превц – десетти.
Новогодишната турнеја продолжува на 1 јануари кога најдобрите ски скокачи ги очекува натпревар во Гармиш Партенкирхен, втора станица во Германија пред селење во Австрија (Инсбрук и Бишофсхофен)