Тенискиот турнир во Доха ќе биде прилика за прво соочување меѓу Британецот Енди Мари и Србинот Новак Ѓоковиќ во 2017 година. Пресметка меѓу првиот и вториот светски рекет е можна во финалето, а пред настапот во Катар имаа можност за малку опуштено дружење, фотографирање и средба со трофејот.
„Возбуден сум. Овде се чувствувам како дома. Секогаш можете да го поведете и семејството што е одлична можност. Мечевите почнуваат подоцна во денот, стадионот е фантастичен и на турнирот секогаш се присутни некои од најдобрите тенисери. Доха е одлична шанса за подготовка за Австралија опен“, истакна Ѓоковиќ кој првиот настап во новата година ќе го има утре напладне против Јан Ленард Штруф.
Ѓоковиќ пристигна во Катар како бранител на титулата. Лани во финалето го совлада Рафаел Надал со 6:1, 6:2. Турнирот од АТП серијата 250 почнува утре и ќе трае до 7 јануари.