Три силни земјотреси денеска ја погодија централна Италија. Првиот земјотрес со интензитет од 5,4 степени по Рихтеровата скала бил во 10:25 часот, по локално време.
Според Европскиот медитерански сеизмолошки центар, епицентарот бил на 111 километри североисточно од Рим, на 28 километри од општина Асколи Пичето и на 36 километри од градот Аквила.
И двете населени места беа погодени од претходните силни земјотреси. Потресот бил на длабочина од 10 километри.
Вториот земјотрес бил во 11:14 часот, по локално со интензитет меѓу 5,6 и 5,7 степени. Потресот бил на длабочина девет километри, а епицентарот во реонот меѓу општините Аквила и Риети, на 109 километри североисточно од Рим.
Третиот силен земјотрес со интензитет од околу 5,5 степени е регистриран во 11:26 часот, по локално време.
Епицентарот беше на 110 километри североисточно од Рим и на длабочина од 40 километри во зоната помеѓу општините Риети и Аквила.
Во Рим, каде што беа почувствувани потресите, беа евакуирани патниците од метрото. Досега нема информации за повредени или за причинета поголема материјална штета.