Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе ја потпише првата извршна одлука која ќе се однесува на повлекување на САД од преговoрите на Транспацифичкото партнерство, објави Си Ен Ен повикувајќи се на два извори блиски до проблематиката.
Одлуката треба да испрати сигнал до Демократите и лидерите во главните градови во државите во светот дека реториката на Трамп за време на кампањата се претвора во дела. Повлекувањето на САД од Пацифичкиот трговски договор беше главна тема во кампањата на актуелниот претседател, со образложение дека е штетен за американските работници и производни компании.
Преговорите за овој договор ги започна претходникот на Трамп, Барак Обама, но тие никогаш не беа ратификувани од Конгресот, па според администрацијата на Трамп нема да имаат никакво влијание врз американската економска политика.
Информацијата дека ова ќе биде прва извршна одлука на Трамп за Си Ен Ен ја потврди и висок претставник на Белата куќа, и се смета за прв голем потег на администрацијата во однос на надворешната политика.
Неговите соработници сметаат дека таа ќе биде само еден аспект од напорите на администрацијата на Трамп да се фокусира на плановите за радикално преформулирање на американската трговска политика.