Владата на Република Македонија денеска се задолжи со 58,16 милиони евра преку државни хартии од вредност.
Од нив 53,99 милиони евра се во државни записи со период на достасување од 6 и 12 месеци, со и без девизна клаузула и каматна стапка од 3,4 до 3,9 отсто годишно.
Останатите 4,17 милиони евра се во државни обврзници со рок на достасување од 5 години, со девизна калузула и камата од 4,9 отсто годишно.
Веќе утре Владата треба да врати износ од 34,08 милиони евра што достасуваат за наплата од 7 претходни аукции на државни хартии од вредност.
Ова значи дека на Владата ќе и останат 24,08 милиони евра, кои ќе може да ги искористи евентуално за исплата на платите и пензиите после 1 јуни.
Владата редовно се задолжува преку издавање на државни хартии од вредност, при што Народната банка речиси секоја недела организира вакви аукции за нејзина сметка.
На крајот од 2007 година, нивото на задолженост на Владата на домашниот пазар преку државни хартии од вредност изнесуваше само 156,5 милиони евра, а на крајот од декември лани порасна на 805 милиони евра. Само во првите три предизборни месеци годинава ова задолжување порасна за уште 102 милиони евра за на крајот на март да изнесува 907 милиони евра. (курс: 61,5 денари за 1 евро)