Новинар и камерман на популарната ТВ емисија “Секојдневно” беа насилно избркани и нападнати на Саемот на претприемачите во Париз кога се обидуваа да и постават прашање на лидерката на екстремно десниот Национален фронт Марин Ле Пен.
Прашањето што сака да го постави новинарот Пол Ларутиру се однесува на долгот на Марин Ле Пен кон Европскиот парламент (ЕП).
Обезбедувањето на саемот го спречи новинарот да постави прашање и го нападна. Погледнете го видеото од синоќешната емисија “Секојдневно” во која се раскажани настаните, шокантни за една демократија. Новинарот објаснува што се случило, кои се луѓето што го нападнале и каква е нивната врска со Националниот фронт.
Марин Ле Пен вработила двајца парламентарни асистенти кои се платени од буџетот на ЕУ. Но, откако се откри дека двајцата асистенти се всушност вработени во нејзината партија, ЕП одлучи по законски пат да земе назад 340.000 евра колку што Ле Пен платила на двајцата асистенти.
Едниот асистент е личен бодигард на Ле Пен а второто лице е Катрин Гризе, шефицата на кабинет на Ле Пен во нејзината партија.
Марин Ле Пен одби да го плати долгот. Но, ЕП одлучи да и задржува секој месец сума од 7.000 до 8.000 евра од платата која Ле Пен ја добива од Парламентот. Месечниот износ што го прима Ле Пен секој месец од ЕП изнесува 12.000 евра.
Ова не е прв пат еден парламент да прибегнува кон ваква мерка. На францускиот пратеник Жерар Коломб францускиот парламент му одземаше месечна рата поради неговите премногу чести остсуства од работните сесии на француската асамблеја.
Марин Ле Пен е кандидат за претседател на Франција и засега во анкетите го држи првото место.